Дали ве нервира некој од вашето опкружување кој е тврдоглав, и никако не сака да го промени своето мислење? Сѐ е толку очигледно дека тој не е во право, но тој се држи за својот став како пијан за плот. Немојте да се возбудувате, тоа е сосема нормално однесување. Уште повеќе, и вие се однесувате сосема исто. Не постои личност која секогаш разумно ги разгледува фактите околу себе и донесува разумни заклучоци. Кога еднаш ќе заклучиме или одлучиме нешто, склони сме да се држиме за тоа по секоја цена, и не отстапуваме ни чекор. Просто кажано, таква е човечката природа и начинот на кој функционира нашиот мозок.
Во психологијата овој феномен се нарекува притрасно потврдување (confirmation bias) и неговите главни карактеристики се:
1. Околу себе го гледаме само тоа што го потврдува нашето мислење
Нашиот мозок е направен да размислува и ги забележува само нештата за коишто размислува. На пример, додека шетаме по улица вообичаено не размислуваме за тоа каква боја на коса имаат минувачите, но ако тие денови планираме да се офарбаме црвено, ќе ја забележиме секоја црвенокоса личност на улицата. Истото тоа важи и за ставовите и мислењата. Ќе го гледаме и воочуваме тоа што го потврдува нашето мислење. На пример, замислете си дека сте некој кој смета дега вегетаријанството не е добро, и слушнете дека се разболел некој ваш познаник кој истовремено е и вегетаријанец. Тоа веднаш ќе го протолкувате како доказ за своето мислење, иако можеби и други луѓе во околината ја имаат истата болест, но вие тоа нема ни да го забележите. Нашиот мозок едноставно така функционира.
2. Сѐ си толкуваме на свој начин
Секој го гледа светот од свој агол. Едно исто случување од две личности може да се толкува на два сосема различни начини. На пример, веста за зголемувањето на бројот на разводи некој ќе ја протолкува како негативен ефект на современите вредности коишто поттикнуваат себичност, додека друг тоа ќе го види како добра работа, бидејќи луѓето имаат поголем избор и не се приморани целиот живот да го минат во брак кој ги измачува и во кој не се чувствуват добро.
3. Тежиме кон информациите кои само го потврдуваат нашето мислење
Начелно е докажано дека ние секогаш трагаме по информации кои се согласуваат со она што веќе го мислиме. На пример, ако некој е со социјалистички сфаќања, ќе чита само таква литература и обратно. Истото важи за личностите со кои се дружиме. Не ни годи да сме во друштво на неистомисленици, и затоа вообичаено не се ни сретнуваме со мислења различни од нашите.
4. Не сакаме да се саботираме самите себе
Како што не ни годи да не омаловажува некој друг, исто така не ни годи ни самите да си го правиме тоа. А признавањето на самите себе дека не сме во право и дека се однесуваме погрешно е доказ дека не сме доволно вредни. Тоа е особина којашто им е вродена на сите луѓе. Просто не сакаме да испаднеме лоши во сопствените очи, па се држиме до старите верувања и мислења.