Ендрју Касперсен, кој своето образование го завршил на Принстон и Харвард и потекнува од семејство со добро бизнис педигре, до пред неколку месеци бил почитуван финансиер од Вол Стрит. Тогаш се дознало дека на разни свои познаници, пријатели, како и членови на семејството – вклучително и на својата мајка – им извлекол речиси четириесет милиони долари кои ги изгубил вложувајќи ги на берзата. Во петок добил четири години затвор. Според неговата одбрана, тоа е премногу, бидејќи за сѐ била виновна неговата зависност од обложување. Обвинителството барало 15 години затвор, но судијата ги зел предвид аргументите на одбраната и зависноста од обложување ја прифатил како олеснителна околност образложувајќи дека „нема полза од тоа да гние во затвор со години и години“.

ka01

Касперсен од 2013 година работел како менаџер, а потоа и како партнер во консултантската компанија за фондови за ризични фондови Парк Хил, која е подружница на групата Блекстон Груп, а на почетокот на 2014 година почнал да бара на заем пари од своите пријатели и роднини, тврдејќи дека ќе вложува во приватни компании, ветувајќи им годишна добивка од 15 до 20 отсто. Наместо тоа, парите ги вложувал во опции, ризичен вид на хартии од вредност, а дел од парите употребувал за да го врати заемот на други, па така против него било покренато обвинение и за организирање пирамидална измама.

Ја измамил и сопствената мајка

Се обидувал да стигне до сума од 150 милиони долари, а пред да биде откриен, собрал 38,5 милиони долари, главно од роднините и пријателите. Така, меѓу жртвите се нашле и неговата сопствена мајка, неговиот брат и еден од најдобрите пријатели со кој бил близок уште од факултетските денови. Но, успеал да измами и една фондација поврзана со компанијата за управување со хеџ фондови, Мур Капитал Менаџмент, како и еден од вработените во таа компанија, а од нив извлекол дури 25 милиони долари. Касперсен „позајмувал“ пари и од компанијата за која работел. Од Парк Хил зел осум милиони долари, што потоа го подмирил со парите од други несреќни „вложувачи“.

За нештата да бидат уште полоши, Касперсен од сето тоа можел да се извлече без последици и со дебела заработка. Имено, во еден момент во февруари оваа година на својата сметка имал 112,8 милиони долари, што било сосема доволно да ги врати парите на сите и притоа да заработи дополнителни 60 милиони долари. Но, наместо тоа, тој продолжил да вложува во опции надевајќи се на уште поголема заработка доколку паднел индексот S&P 500. Но, за негова несреќа, индексот пораснал, а Касперсен изгубил сѐ. Непосредно пред откривањето на измамата, Касперсен наводно се подготвувал за самоубиство: напишал проштално писмо до својата сопруга, како и порака до своите инвеститори, пишувајќи им дека чувствува длабок срам.

ka02

Во петок пред судот Касперсен бил релативно смирен. Едвај воздржувајќи ги солзите во преполната судница, рекол дека ги изневерил своите најблиски за да ја задоволи својата зависност од коцкањето.

„Ги загубив нивните пари, го злоупотребив нивното пријателство, го уништив угледот на моето семејство и ја понижив својата сопруга“, кажал Касперсен.

Едно од нештата кои му помогнале на Касперсен да „измолзе“ десетици милиони долари е се разбира и неговото потекло. Неговиот татко, кој извршил самоубиство пред неколку години кога заболел од рак на црниот дроб, две десетлетија управувал со Бенефишл, њујоршка компанија за потрошувачки кредити. Довербата на жртвите на Касперсен очигледно била достаточно голема да може да ги завлекува цела година и пол, и без никаква службена документација да ги убеди дека нивните пари навистина се вложени така како што тие очекувале.

Ендрју Касперсен на издржувањето на својата казна мора да се јави во јануари. Неговиот адвокат тврди дека Касперсен нема да го повтори своето казнено дело.

„Не е најсоодветно да кажам `се обложувам`, но се обложувам дека Ендрју Касперсен нема да биде повратник“, кажал адвокатот пред судијата.

Сподели на Facebook
пати видено