32-годишен Македонец од Источна Македонија, кој сака да остане анонимен, пред неколку месеци се преселил во Малта, со надеж за подобар живот. Неговите очекувања не биле исполнети и сега тој сака повторно да се врати во роднит крај. Еве ја неговата приказна за негативното искуство од животот во Малта.
МОТИКА: Зошто и како се преселивте, зошто одлучивте да одите во друга држава?
Зошто? Као демек супер е во Малта, подобар живот, повисок стандард и сите бла бла муабети кои се вртат во Македонија ме натераа да дојдам и да почувствувам на своја кожа.
МОТИКА: Опишете ја државата во која живеете.
Малта е хаос. 3 пати повеќе возила од што има капацитет, кучешки измет на секоја педа, ѓубре на секој чекор… Бучна, раздвижена држава, тесни улици кои се во катастрофална состојба, како во пост воен регион да живееш си мислиш. Тротоари речиси и да нема, повеќето се широки едвај 50см, а возачите се луди, мислиш или се пијани додека возат или не се замарат ако удрат некој.
МОТИКА: Колку се трошоците за живот?
Кириите се ужасно високи, солиден стан е над 700 евра месечно а просечна плата е 900 евра. Доколку се одлучи некој за поефтина варијната ќе треба да го дели станот со 2-3ца. Ама и тогаш е скапо, за соба би платиле 300-400 евра, би чекале ред за во купатило, во кујна… Газдите на становите се „супер“ се додека не дојде ред да се подигне депозитот кој го оставате пред да се вселите, ќе ви најдат милион начини како да го задржат. Јавниот превоз е исто ужасен, автобуси кои постојано каснат, преполнети се (летото) и нема ни да ви застане. Инаку ОК е ако имате камен во бубрег, после кратка вожња со некој бус каменот ви станува песок и го исфрлате после 3-4 станици.
МОТИКА: Споредете колку чинат некои основни јадења таму и кај нас?
100мкд за леб е доволна споредба? 120мкд 1кг компир, 100мкд 1.5л Кока Кола. Али ајде, еве да речеме едно семејство да живее тука, може да помине со 3-400евра месечно за храна и пропратни работи. Без киријата секако!
МОТИКА: Кажете за некој успех што сте го постигнале во таа држава.
За успех ќе сметам кога ќе излезам од тука.
МОТИКА: Ако имате бизнис, опишете го.
Тука бизинис може да се смета само недвижностите и гејмингот, агентите за недвижности земат провизија од една месечна рата за стан, а неделно по еден стан да издадат е супер заработувачка…
МОТИКА: Како Ви започнува денот?
7.30 кафе, купатило, бајкот и на работа од 8.30. До 12.30 после пауза до 16.00 па пак работа до 19.00. Паузата ја користам да работам за миење чинии во ресторан као додатен извор на средства. Цел ден работиш да поминеш месецот. Ах Македонијо, арна беше, зошо те напуштив!
МОТИКА: Како го трошите слободното време?
Кое слободно време? Цел ден работам и тоа малку време што го имам го користам барајки огласи за нешто подобра работа или додатна работа.
МОТИКА: Каде шетате и каде се опуштате преку ден?
Шетам од една до друга работа, се опуштам со кафе и цигара на пауза висејки на задната врата едно 5мин.
МОТИКА: Каков е ноќниот живот таму?
Не знам, уште немам осетено.
МОТИКА: Дали имате пријатели и соседи таму?
Соседи имам, фини луге, пријатели едвај затоа што само на работа се дружиме.
МОТИКА: Дали луѓето се пријателски настроени кон странците?
Па обично тука нас Македонците позитивно не гледаат, имаме некој добар впечаток оставено, останатите не се баш најприфатени. Пример Србите и Бугарите не се ценети, посебно Србите 80% не ги сакаат. Останатите, Филипинци, Индијци, Пакистанци, Виетнамци, Африканци ги гледаат као евтина работна сила и ништо повеќе.
МОТИКА: Која културна разлика Ви беше најчудна кога прв пат дојдовте во земјата?
Сите се со доста високо ниво на култуно однесување. Благодарам, Ве молам, Имајте пријатен ден, Добредојдовте, се користат нон стоп.
МОТИКА: Што од културата најмногу Ви се допадна?
Архитектурата.
МОТИКА: Која е најголемата разлика со Македонија?
Работното време, двократно. Би требало да се имплементира и кај нас.
МОТИКА: Дали има и други Македонци таму?
Има, и тоа доста, сум слушнал дека не има над 10.000.
МОТИКА: Што Ви недостасува од кај нас?
Природата, планините, јадењата.
МОТИКА: Дали некогаш планирате да се вратите во Македонија?
Да, и тоа веднаш после Нова Година.
МОТИКА: Дали сметате дека некој може да има добар живот во Малта?
Тука може да се дојде само ако некој бара динамичен живот и да е со смејство под услов да работат двајцата. Самци тешко да успеат, особено оние како мене што не сакаат да делат кирија со непознати. Ставање пари на страна за нешто во Македонија да се среди-јок! Од тука-за тука!
Блиц прашања | |
---|---|
Колку чини 1 леб? | 100 денари |
Колку чини 1 кафе? | Во кафе бар над 1 евро |
Колку чини 1 пиво во продавница, а колку во кафуле? | Под 1 евро (0.80центи за 0.5л лименка) над 1 евро во кафуле |
Место што мора да се посети? | Гозо, Валета, цело приморје, Пачевил |
Традиционално или типично јадење што мора да се проба? | Не знам, ја повеќе готвам традиционални македонски јадења, се тука не ми се допадна. |
Најпознат граѓанин? | Србин хахах |
Најпопуларен сувенир? | Религиозните сувенири |
Најкористен збор/фраза? | Мела |
За која тема луѓето најмногу зборуваат? | За работа |
Најчесто име и презиме? | 10-тина презимиња се највртени тука, со оглед на тоа дека пола Малтежани се во крвно сродство. |
Коментар од уредникот на Мотика: Ставовите и мислењата изнесени во овие интервјуа не се ставови на Мотика, туку на младите луѓе кои решиле да ја напуштат Македонија. И мене како и многумина од вас, вистината многу ме боли, но додека не се соочиме со неа, властите ќе не лажат дека живееме во Швајцарија. Целта на секој еден политичар што ќе седне во фотелја во иднина, било да е градоначалник, пратеник или министер, МОРА да му биде да создаде минимални услови младите луѓе да не бегаат од државата. А ние сме таков народ, не бараме многу, само достоинствени услови за живот, а тоа не е тешко да се обезбеди во земја како нашата. Држава со 4 годишни времиња и со земја што раѓа не може да биде сиромашна, може само некој да ја краде! Да сме некоја африканска пустина, да ја разбереме сиромаштијата. Како може италијанските фармери да се богаташи, а ние да црнчиме кај нив, кога нашата земја е поубава од нивната? Да не зборуваме за тоа колку интелигентни деца имаме кои го одбираат овој пат.