На исток од езерото Комо во планините Кортенова, северна Италија, се наоѓа куќа која наводно крие трагедија од готски пропорции.

Вила де Вечи, исто така позната како Црвена куќа, Куќата на вештерки или Куќа на духови, сега е напуштена рушевина, а нејзиниот претходен сјај е уништен од времето и многуте графити.

Таа не била секогаш ваква. Многу одамна Вила де Вечи била големата летна куќа на грофот Феликс де Вечи и неговото семејство.

Грофот де Вечи (1816-1862) бил воен херој, остварен сликар и истражувач, кој како дел од националната гарда играл важна улога во ослободувањето на Милано од Австрија за време на обединувањето на Италија. Во неговите помлади години, тој многу патувал низ Средниот Исток, Египет и Индија и објавил книга која добро се продавала и вклучувала цртежи на неговите искуства.

Кога грофот се оженил со Каролина Франчети ди Понте во 1844 година, двајцата започнале патување што ги однело во сите региони на Италија, за време на кои грофот продолжил да слика и пишува за неговите авантури. Додека да пристигнат во Милано грофот веќе станал славна личност.

Во 1854 година, графот побарал од архитектот Алесандро Сидиоли да изгради летна вила инспирирана од архитектурата на источните светови кои ги посетил во својата младост.

Била изградена со сите модерни одлики на тоа време, како што се внатрешен водовод, цевки за топла вода, лифт за храна, па дури и голема надворешна фонтана под притисок, а внатрешно била декорирана со фрески и фризови. Голем камин и големо пијано биле вклучени во главната дневна соба.

За жал архитектот Алесандро починал пред да ја заврши куќата и тука почнува да се обликува легендата за Црвената куќа.

Според легендата семејството поминало неколку среќни лета во куќата. Но тие среќни времиња завршиле една ноќ во 1862 година, додека грофот бил далеку од дома. Легендата вели дека грофот се вратил дома и ја пронашол својата жена брутално убиена, со изобличено лице, а нивната ќерка исчезнала.

Иако грофот направил сѐ за да ја пронајде својата ќерка, таа повеќе никогаш не била видена. Скршен од она што му се случило по скоро една година грофот се самоубил во истата куќа.

Некои велат дека тоа било одмазда за грофот де Вечи, поради неговата поддршка за обединувањето, но никој не бил уапсен за злосторството. И до ден денес тоа останува мистерија.

Куќата била доделена на братот на грофот, Биаго, и останала во семејството до избувнувањето на Втората светска војна. Таа оттогаш била во сопственост на низа различни аристократски семејства сè додека не била конечно напуштена во текот на 1960-тите.

Можеби нејзиниот најпознат гостин бил Алистер Кроули кој наводно престојувал некое време во раните 1920-ти. Според митот, куќата станала место на сатанските ритуали извршени од оние кои сакале да ја канализираат лошата енергија заробена во ѕидовите на куќата.

Локалните жители велат дека сè уште може да го слушнат големото пијано што свири од внатрешноста на урнатините, за време на тивките ноќи.

Ловци на духови и паранормални истражувачи ја посетуваат вилата за да откријат што се случува во неа. Црвената куќа денес е голема школка од минатото. Прозорците веќе одамна исчезнале, а мајката природа почна да ги зазема циглите. Во 2002 година лавина уништила многу куќи во Кортенова, но Црвената куќа останала недопрена.

Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.

Сподели на Facebook
пати видено