Тинејџерите кои редовно пушат канабис можат да претрпат трајни мозочни оштетувања и се изложени на многу поголем ризик да развијат шизофренија. Американските истражувачи велат дека лесната дрога е особено опасна за луѓето кои имаат генетски предиспозиции за развивање на ментални нарушувања – и може да го поттикне развојот на истите.
Асаф Келер, од Универзитетот Мериленд вели дека резултатите јасно ги покажуваат опасностите од пушењето трева за тинејџерите ако тоа го прават во годините кога психофизички се оформуваат. Студијата е објавена во научното списание Невропсихофармакологија и во неа се објавени резултатите од изложеност на глувци на активната состојка на марихуаната во времетраење од дваесет дена. Се утврдило дека се намалува мозочната активност при што оштетувањето продолжува и во возрасните години.
Изминатите 20 години имаше голема контроверза околу долгорочните ефекти на марихуаната, при што експертите беа со поделено мислење во поглед на тоа како таа долгорочно гледано им влијае на тинејџерите. Во претходни истражувања беше утврдено дека децата кои започнале да користат марихуана пред да наполнат шеснаесет години се во поголем ризик на трајни оштетувања на мозокот и кај нив се забележува почеста појава на психички нарушувања.