Глушецот погледнал низ дупката во ѕидот и здогледал како фармерот и неговата жена отвараат некој пакет. „Каква ли храна има внатре?“ се прашувал глушецот. Но силно се потресол кога видел дека тоа е стапица за глувци.

Стрчувајќи се назад кон дворот на фармата, глушецот почнал да вика предупредувајќи: „Има стапица за глувци во куќава! Во куќава има стапица за глувци!“

Кокошката закокодака, ја крена главата и му кажа: „Г-н Глушец, гледам дека тоа е од животна важност за тебе, но за мене тоа не може да има никакви последици. Не можам да се занимавам со тоа сега.“

Глушецот се свртел кон свињата и возбудено ѝ кажал: „Има стапица за глувци во куќата! Има стапица за глувци во куќата!“ Свињата сочувствувала со него, но кажала: „Многу ми е жал, г-н Глушец, но јас не можам ништо да сторам во врска со тоа освен да се помолам. Биди сигурен дека ти си во моите молитви.“

Глушецот се свртел кон кравата и ѝ се пожалил: „Има стапица за глувци во куќата! Има стапица за глувци во куќата!“ Кравата му рекла: „Леле, г-н Глушец. Многу ми е жал за тебе, но твојата кожа не е моја.“

И така, глушецот се вратил во куќата, со наведната глава и потиштен, за сам да се соочи со стапицата на глувци на фармерот.

Истата таа ноќ во куќата одекнал звук кој наликувал како тој кога стапицата го зграпчува својот плен. Жената на фармерот се стрчала да види што се фатило. Но не можела да види во темнината дека тоа било отровна змија чиј опаш останал заробен во стапицата. Змијата ја каснала жената на фармерот. Тој ја однел жена си во болница, и таа се вратила дома со треска.

Секој знае дека за треската помага свежа кокошкина супа, па така фармерот ја зел секирата за да ја донесе основната состојка за супата. Но, на жената не ѝ било подобро, па така пријателите и соседите се собрале околу нејзината постела. За да ги нахрани, фармерот ја заклал свињата. На крајот, сопругата на фармерот починала. На нејзиниот погреб дошле толку многу луѓе, што фармерот морал да ја заколе и кравата за да ги нахрани.

Глушецот го гледал сето тоа од својата дупка со голема тага во срцето. И така, кога наредниот пат ќе слушнете дека некој се соочува со некаков проблем и си помислите дека тоа воопшто не ве засега вас, запомнете: кога некој од нас е загрозен, сите ние сме во опасност. Сите ние сме вовлечени на ова патешествие што се нарекува живот. Мораме да се чуваме едни со други и ако треба да се потрудиме за да си помогнеме, тоа треба и да го сториме. Секој од нас е важна нишка во килимот на својот ближен.

Сподели на Facebook
пати видено