Загрозениот индиски волк е спасен од сигурна смрт, откако ја заглавил главата во пластичен сад. Волкот бил забележан во областа на езерото во Нагпур, централна Индија, од група фотографи, аматери, а нивните фотографии ја прикажуваат состојбата на изгладнетото животно. Најверојатно волкот барал храна во садот, но си ја заглавил главата и се довел до изгладнување.

Танај Панпалија, 26-годишен сметководител од Нагпур, го забележал волкот додека правел фотографии со своите пријатели, а групата започнала мисија за спасување. По повикувањето на Одделот за шумарство во Нагпур, тие поминале два часа со следење на волкот до пристигнувањето на спасувачкиот тим кои го отстраниле садот.

„Тоа беше пластичен сад кој често се користи од страна на околните селани во домаќинството за чување на храна. Селаните ги фрлаат искористените пластични садови каде што сакаат, што резултира со такви несреќи со диви животни.“, вели Танај.

Тој со пријателите сакал да фотографира птици, но исто така сакале да фотографираат и волци доколку имаат можност. Кога забележале глутница волци почнале да го пратат и набргу Танај го забележал младиот волк во неволја. Волкот дишел само преку дупчињата на садот. Тимот за спасување пристигнал по 2 часа, а целата операција траела 3 часа.

Откако го ослободиле волкот и му дале доволно вода, го пуштиле да продолжи со глутницата.

„Беше навистина тажно кога видовме дека прекрасно животно се заглавило и за малку ќе умреше поради човечкото невнимание. Ја следев и документирав целата приказна, за да бидат луѓето свесни како нивното ѓубре влијае врз дивиот свет.“, додава Танај.

Сподели на Facebook
пати видено