Во последните три децении лекарката Флоареа Циупиту е семеен лекар во Гангиова, село во југо-западна Романија. Фотографката со седиште во Букурешт, Јоана Молдован, ја следеше низ нејзиниот секојдневен живот, а нејзината фото-серија „Селска лекарка и нејзиниот повик“ е и инспиративен пример за посветеноста на лекарката на нејзината професија и средство за подигање на свеста за предизвиците со кои лекарите се соочуваат кога работат во руралните заедници во Романија.

Со проблематичен систем на здравствена заштита, ниту еден од бројните министри за здравство кои се на функцијата од падот на комунизмот до сега не успеале да ги донесат западните стандарди за нега на пациентите. А бидејќи младите романски лекари ја напуштаат земјата во потрага по подобри можности во странство, Романија се соочува со сериозен недостиг на лекари.

Романија има население од речиси 20 милиони луѓе. Половина од населението живее во селата, но има значително помалку лекари кои сакаат да работат во овие области. Паритетот меѓу градските лекари и оние кои работат во руралните средини е 2 спрема 1, оставајќи ги лекарите од село да бидат преоптоварени, грижејќи за голем број на пациенти многу повисок од препорачаниот просек.

Покрај тоа, нестабилниот софтвер ја отежнува комуникацијата со централните сервери на Државното осигурително претпријатие, со што пациентите чекаат подолго време. Покрај ова, поради лошата инфраструктура, пристапот до здравствена заштита во селата е генерално тежок.

Д-р Флоареа е пример за лекарка која го следи својот повик и покрај сите потешкотии. Таа живее во скромни услови и се грижи за околу 1700 регистрирани пациенти. Во работните денови спие над својата ординација во мала соба. На скалите нема електрична енергија; таа користи мала светилка за да оди нагоре по скалите каде што спие на стар болнички кревет.

Таа сакала да стане лекарка уште кога била мало девојче. Сега на возраст од 62 години, нејзината посветеност кон нејзината професија е непроменета. Еве како изгледа еден „обичен“ ден за Флоареа.

Сподели на Facebook
пати видено