Невнимателноста при објавувањето статуси би можела многу да ги чини корисниците на Фејсбук. Затоа треба добро да размислите пред да објавите нешто, бидејќи кога веќе еднаш ќе објавите, имате многу малку контрола над содржината на објавеното. Тоа особено важи за оние кои своите профили ги држат целосно отворени за јавноста и на тој начин многу ризикуваат. Лични информации, семејни фотографии и планови и подготовки се нешто што поради лична безбедност би требало да се чува за себе и за поблискиот круг на луѓе кои ги познавате лично. Еве листа на податоци кои не би требало да ги споделувате со секого.

fb

Податоци во врска со вашите финансии

Не е добра идеја на Фејсбук да ја објавите својата адреса, телефонски броеви, моминското презиме, бројот на кредитната картичка, па дури ни годината на раѓање. Сите овие податоци криминалците би можеле да ги искористат за кражба на идентитетот или да ви нанесат финансиска штета. Исто така, избегнувајте податоци кои на некого би можеле да му помогнат да ја дознае вашата лозинка, како на пример името на вашето куче, спомени од детството и слично.

Информации за местоположбата и планови за претстојни патувања

Освен што на потенцијалните крадци им откривате дали сте дома, си создавате поголема возможност да се сретнете со некого когошто можеби би сакале да го избегнете. Со слики од своите патувања го октривате и вашиот животен стандард, што исто така би можело да привлече несакани гости.

Информации од личниот живот

Прекинувањето на врската, здравствените проблеми или разочарувањето од некоја животна ситуација би било мудро да ги задржите за себе. Тоа би можеле да го видат многу луѓе, а меѓу нив и вашите колеги од работа или вашите претпоставени. Тоа што не би сакале да го дознаат апсолутно сите, би било мудро да го задржите за себе.

Фотографии со вашите деца

До тие фотографии можат да дојдат и луѓе кои немаат добри намери. Ако баш мора да објавувате такви фотографии, немојте со нив да објавувате и податоци како имиња, име на училиште во кое одат децата и слично.

Приговори за вашата работа и тоа што го работите на вашето работно место

Има големи шанси ваквите објави да дојдат до вашиот претпоставен, а тоа со сигурност не го сакате. До таквите информации многу лесно може да дојде конкуренцијата, а тоа исто така може многу неповолно да се одрази на вашиот работен однос.

Политички коментари

Многу е лесно некого несвесно да навредите со објавување агресивни и политички набиени коментари и статуси. Во ред е да споделувате вести кои би поттикнале некаква расправа, но објавувањето на агресивни и јасно насочени политички статуси може да направи поголема штета отколку што си мислите.

Трачови

Освен што пред пријателите на Фејсбук оставате впечаток на личност на која не може да ѝ се верува, има голема можност да паднете во неволја кога озборувањето ќе стигне до тој за кого се однесува вашата објава.

Медицински дезинформации

Ако не сте лекар, не сте квалификувани да делите здравствени совети и да предлагате решенија кои не се научно потврдени. Статусите кои го намалуваат значењето на опасни болести во најмала рака можат да бидат навредливи, а во посериозен случај би можеле сериозно да доведат во опасност некој кој би поверувал во тоа.

Сподели на Facebook
пати видено