Може да се каже дека денес шпионирањето е полесно од било кога. Прво, во доба на демократија шпионирањето и не е многу казниво. Порано секој за било какво сомневање дека шпионира бил убиван, додека денес и со дебели докази казните се незначителни. Згора на тоа, информационите технологии претставуваат вистински рај за шпионите. Доволно е само да се набави специјален софтвер и тој може да ги пресретнува комуникациите кои се вршат преку мобилните телефони, интернет, компјутерите и други уреди. И не само тоа, туку може да се следи и сечие движење. И порано средствата за информирање биле пресретнувани, но испраќачите биле подготвени на тоа и ги шифрирале пораките, додека сега луѓето не се ни свесни за опасностите на новите технологии.
Се смета дека шпионирањето е втора по ред најстара човечка професија. Ако ѕирнеме во трагите на далечната историја, ќе најдеме приказни и докази за многубројните шпионажи меѓу племињата, народите, државите и други слични групации.
Облици на шпионажа
Шпионажата се дефинира како тајно и често нелегално собирање на доверливи информации. Може да биде сигнална и човечка. Човечката шпионажа претставува користење на агенти при шпионирањето. Агентите се инфилтрираат во определени групи или здруженија, понекогаш со лажен идентитет, со цел да се обидат да дојдат до доверливи информации. Сигналната шпионажа се однесува на пресретнувањето на пораки и комуникациски канали, разбивање на шифри и електронска шпионажа. Последната доби на значење во последно време, со развојот на информационите технологии.
Видови на шпиони
Има повеќе варијанти на шпиони
Двоен агент – Двојните агенти се шпиони кои се престоруваат дека шпионираат за една страна, а всушност работат за другата страна којашто наводно ја шпионираат. Затоа тие се одлични за подметнување на лажни информации. За некои двојни шпиони никогаш не се знае за кого навистина работат. Например, Олег Пенковски, најпознатиот западен шпион во Советскиот Сојуз, бил често обвинуван дека е двоен агент кој нарочно говори дека советските воени сили се помали отколку што навистина се.
Крт– Кртот е вид на шпион кој се инфилтрира во соодветната организација и во неа постепено го гради својот ранг. Тоа може да потрае и со децении, па така тие често се регрутираат додека се многу млади. Најпознати примери за кртови се петмината од Кембриџ, британски студенти коишто КГБ ги регрутирала додека сѐ уште студирале на Кембриџ, а коишто стигнале до значајни позиции во британските служби и коишто во текот на Втората светска војна, па се до 1950-те редовно праќале податоци на советските тајни служби.
Спијач – Спијачот е вид на шпион кој со години извршува определена функција во организацијата којашто ја шпионира, и тука е поставен со таа цел, но неговата задача не е постојано да биде активен, туку да чека. Тие се активираат само во определен клучен момент. Во меѓувреме никој не се сомнева за ништо во нив, бидејќи тие навистина ништо не прават. Проблемот со ваквите шпиои е тоа што по определено време тие можат да се опуштат и да заборават зошто се таму.
Важен елемент во секое шпионирање се операторите, т.е. личностите со коишто шпионите разговараат, на коишто ги проследуваат информациите и коишто на шпионите им кажуваат како да се однесуваат и кои информации да ги бараат. Тие веројатно се и најважни во целиот процес, бидејќи работата на шпионите воопшто не е лесна. Се случува да почне да ги гризе совеста, или да почнат да се грижат за својата безбедност или слично. Тогаш операторите ги смируваат и уверуваат дека сѐ е во ред или ќе се погрижат за нив на најразлични начини.
Комуникацијата помеѓу шпионот и операторот ни најмалку не е едноставна. Вообичаено се одвива на некое јавно место, кадешто нема директна средба, туку само се разменуваат пораки. На пример, случајно се испушта ливче со порака на улицата која некој подоцна ќе ја крене итн.
Како што споменавме, ни најмалку не е едноставно да се биде шпион, бидејќи тоа изискува непрестано глумење и работа под голем притисок. Постојано имате впечаток дека некој ве следи.
Се поставува прашањето зошто некој би се занимавал со тоа?
Има најнарозни мотиви, од пари, до одмазда, но најчесто се работи за идеолошки побуди. Со шпионите кои работат од идеолошки побуди е најтешко да се работи бидејќи тие сакаат да знаат како ќе бидат употребени нивните информации и по малку се своеглави. Од друга страна, тие знаат да бидат и најверни. Понекогаш шпионите не се ни свесни каква работа ги очекува, туку се залудени со приказните за хероизмот. Тоа главно и не е некоја возбудлива професија, бидејќи поголемиот дел од времето е прилично монотон, повремено испрекинат со мигови на страв.
Како се станува шпион
Шпионите главно се регрутираат од страна на специјалните служби. Се бара некој во службена организација, јавната администрација и слично, за кого се смета дека би можел да биде шпион, и потоа се регрутира. Понекогаш шпионите и сами се пријавуваат за тоа. На таквите на почетокот малку им се верува, но ако се докажат, тогаш сѐ е во ред.
И на крај, да споменеме дека работата на шоионите не влијае секогаш добро на политиката. Колку и да е квалитетен шпионот, последните одлуки за некоја политика ги донесуваат политичарите, коишто и не мора да ги уважат наодите на шпионите. На пример, Сталин се до последниот миг одбивал да поверува дека Хитлер ќе го нападне, бидејќи го сметал за најдобар пријател, иако вештите советски шпиони со месеци го предупредувале дека Хитлер се подготвува за напад. Затоа СССР бил малку фатен во неподготвеност кога Хитлер навистина нападнал.