Семејство кое со децении гледало во сликата на ѕидот во трпезаријата на нивните баба и дедо, не можело да поверува кога истата слика се продала за повеќе од милион долари на аукција, каде што дознале дека всушност станува збор за Рембрант, кој вредел четири пати повеќе.

Браќата Нед, Роџер и Стивен Ландау од Њу Џерси, го чистеле домот на нивната мајка, која неодамна почина, и барале предмети за да соберат пари додека го делеле имотот. Помеѓу многуте работи била и една слика која браќата не ја сакале воопшто.

„Тоа беше една жена онесвестена на стол а двајца мажи се обидуваа да ја оживеат со мирисни соли. Како дете си мислев:’Зошто имавме таква слика во нашата трпезарија?’“, вели Нед. Сликата била сместена неколку години во подрумот на Роџер, а тројцата браќа сакале да организираат распродажба, за да се ослободат од „ѓубрето“. Бидејќи имале сет за чај од сребро и уште неколку уметнички дела решиле нив да ги дадат на аукција и мислеле дека ќе заработат неколку стотици долари.

Браќата биле пресреќни кога „грдата“ слика ја достигнала посакуваната цена од 800 долари, но се изненадиле кога одеднаш се јавил наддавач од Франција, кој понудил 5.000 долари, а потоа и од Германија кој нудел 80.000, за подоцна да понуди 100.000 долари. За неколку минути понудата била 450.000 долари, а упорниот наддавач од Франција успеал да го купи делото за 1,1 милион долари.

Дури ниту луѓето од аукциската куќа не знаеле што се случува додека наддавачот од Германија не им објаснил дека станува збор за Рембрант. Наддавачот од Франција кој ја купил сликата потоа успеал да ја продаде на колекционер за 4 милиони долари, што всушност кажува дека сликата повторно била продадена за многу помала цена од нејзината вистинска вредност.

Сликата била всушност едно од најраните дела на Рембрант и дел од изгубената серија на петте сетила од раните 1600-ти. Официјалниот наслов на сликата бил: „Онесвестен пациент(Алегорија на смислата на мирисот)“. Како и тројцата браќа, нивниот дедо исто така не ја знаел вредноста на сликата која ја купил на аукција во 1930-тите.

Сподели на Facebook
пати видено