„Кога наставникот им е и другар и втор родител, децата не сакаат да си дојдат дома од училиште. Ни велат денеска ќе останеме повеќе, имаме нешто планирано со наставникот“ – вели една мајка на ученик од одделението на Гоце.

На часот по математика кога се учи за дропки се јаде пица, за да видат учениците што е помало 1/4 или 1/8. Секој може да го праша наставникот сѐ што сака, знаејќи дека наставникот ги има сите одговори за нив. Сите часови се толку интересни што децата одвај чекаат да дојдат на училиште, а потоа не сакаат да си одат.

Дојде крајот на учебната година и денот кога децата треба да се разделат со својот одделенски наставник, со својот херој, кој им ги направи изминатите 4 години најубавите години во животот. Четвртоодделенците од ООУ “Кочо Рацин” во Прилеп на својот наставник Гоце Бумбароски му направија следното специјално видео за разделба.

Наставникот Гоце Бумбароски од Прилеп со право беше прогласен за најкреативен просветен работник во Македонија. Со донации од родителите тој ја опремил целата училница со современи помагала, како што е видео бим, а неговите часови ги креираат самите ученици.

Ако државата не води доволно сметка за образованието, наставниците кои си ја сакаат работата заедно со родителите може да го поправат системот.

„Јас сум им другарче, но и втор родител“ – вели наставникот, запрашан за односот со неговите ученици.

Сподели на Facebook
пати видено