Понекогаш трпиме многу работи и се трудиме за луѓе кои воопшто не го ценат тоа. Затоа треба многу да се внимава со какви луѓе ни поминуваат животите и да бидеме свесни колку вредиме. Оваа поучна приказна ќе ви го докаже токму тоа. Еве од што се состои „вредноста на човекот“.

Еден стар татко имал син единец. Тој знаел дека син му е премногу добар и дека луѓето лесно ќе можат да ја искористат неговата добрина. Кога старецот се разболел и легнал во постела решил да му ја даде последната и највредна лекција на својот син. Тој го викнал во неговата соба и му рекол:

– Сине, јас сум веќе многу стар и болен, деновите ми се одбројани, имам да ти да дадам нешто, што можеш да го продадеш и со тие пари да го платиш мојот погреб.

Тогаш од џебот старецот извадил многу стар џебен часовник и продолжил:

– Овој часовник е во нашето семејство веќе 200 години, сега ти го давам тебе, да одиш и да прашаш на повеќе места колку вреди часовникот и потоа дојди дома и ќе се договориме.

Синот го послушал својот татко, го земал стариот часовник и се упатил кон градот. Наредниот ден момчето се вратило дома и седнало да му раскаже на својот татко за цените на часовникот:

– Татко првин ми беше најлогично да го однесам кај часовничар, но тој ми рече дека часовникот е многу стар и дека никој нема да сака да му го купи и дека би го земал само за 200 денари, за деловите. Тоа е многу малку татко. Потоа влегов во една антикварница. Таму ми кажаа дека има колекционери кои би го сакале часовникот и ми понудија 3.000 денари за него. Пред да се вратам дома решив да наминам и во музејот и таму да прашам за вредноста на часовникот. Од музејот беа воодушевени. Ми кажаа дека овој часовник освен што е многу стар е и многу редок. Ова е единствениот примерок. Тие ми понудија 50.000 денари за часовникот. Тоа би ти било доволно тато?

Таткото го гледал својот син и со насмевка на лицето му кажал:

– Сине, кога те пратив да прашуваш за цените на часовникот, не ми беше намерата да го продадам. Сакав само да сфатиш дека колку и да те обезвредуваат луѓето, колку и да велат дека си бескорисен, не им верувај сине, постојат вистинските луѓе кои ќе ја знаат твојата вистинска вредност. Затоа никогаш не се обесхрабрувај и секогаш барај го вистинското место каде што ќе бидеш ценет. А што се однесува до часовникот, ти го подарувам за идните генерации и животни лекции.

Сподели на Facebook
пати видено