Веќе неколку години (дури и пред почетокот на кризата во Еврозоната) градоначалниците од руралните области низ цела Шпанија обзнануваат планови да распродадат цели села со цел да го заживеат селото. Познато е дека цели поседи можат да се купат за помалку од 2000 евра, а цело село со напуштени имоти за помалку од 50.000 евра.

Со масовниот егзодус од руралните области во градовите кој се случил за време на 1950-те и 1960-те, како и новиот бран после кризата од 2008 година, многу шпански села остнаа сосема напуштени. Некои имаат сосема мал број население сочинето од постари луѓе чиишто семејства одамна се иселиле во градовите. Нема деца кои ќе ги заменат постарите генерации и повеќето куќи и имоти се запустени и во рушевини, при што за нивно обновување би биле потребни значителни средства.

Кога медиумите го рашириле гласот за оваа неверојатна багатела, стотици странци се стрчале евтино да си купат свој сопствен мал рај. Но, овој сон не е за секого: овие села се трошни и дотраени, до многу од нив не води пат и се оддалечени и до 200 километри од најблискиот град, а се случува да немаат ниту струја, гас и водовод.

Првиот проблем со кој би се соочиле е отежнатата комуникација, бидејќи повеќето од жителите не знаат англиски. И покрај тоа што Шоанија важи за топла и пријателска земја, едноставно би морале да го научите шпанскиот јазик доколку би сакале да функционирате. Понатаму, иако првата асоцијација која ви ја буди Шпанија е топлото медитеранско сонце, таму не е сончево 365 дена во годината. Зимите знаат да бидат студени. Куќите се старовремски, градени од камен кои летно време се пријатно свежи, но зимно време во нив може да биде навистина студено, бидејќи ја немаат потребната топлотна изолација.

Но, најголемиот проблем е бирократијата. Сѐ уште е актуелен скандалот во кој британски иселеници си купиле имот за да дознаат дека за нив не била издадена никаква дозвола за градба, со што практично тоа што го изградиле во меѓувреме се третира како дивоградба.

Видеото кое следува не води на прошета низ едно изолирано село во баскискиот регион наречено Лакабе, кое полека си ја враќа старата слава и сјај, од страна на група пријатели кои се населиле таму во 1980 година.

Сподели на Facebook
пати видено