Сопственик на такси компанија во очај поставил молба на интернет со цел да го одведе натресканиот патник дома – откако се онесвестил на седиштето и не можел да го освести. Постот на Ахрун Разак, сопственик на Ројал Таксис Розендејл во Ланкашир стана вирален кога сликите на патник Џони Хелм беа споделени илјадници пати.
Но, 26-годишниот татко на едно дете, кој на крајот се качил во ран автобус и стигнал до дома, ја видел смешната страна на настанот и јавно се извинил што ѝ го трошел времето на фирмата.
Ахрун вели дека првин повикал полиција и брза помош, а потоа ги постирал сликите на Џони со отворена уста како „последен обид“ да го привлече вниманието на неговите пријатели и семејство во 6 наутро во недела. Џони запрел такси во Ротенстал, Ланкашир, на 10 километри од дома, но не успеал да ја каже адресата и веднаш заспал.
Четириесет и двегодишниот Ахрун вели: „Дваесет и три години сум во такси бизнисот и никогаш не сум видел вакво нешто. Едноставно не можеше да се освести. Целосно беше изгубен. Мојот возач се обиде да го протресе и да го разбуди, но тој воопшто не реагираше. Ќе ги отвореше очите од време на време и само ќе му кажеше на возачот да продолжи, но ние не ја знаевме адресата. По околу половина час, мојот возач се паркираше во гаражата во близина на канцеларијата и ме праша што да правиме. Едноставно не мрдаше. Тргнавме кон блиската полициска станица, но таа беше затворена, па свртевме 999 и му викнавме брза помош. Навистина се плашев. Во амбулантата не можеа со сигурност да кажат кога ќе пристигнат, па така си помислив дека некој кој можеби е буден и е на Фејсбук би можел да го препознае.
Некои луѓе кажаа дека тоа е помалку сурово или понижувачко, но тоа беше последен излез. Сум видел пијани луѓе – некои самиот морав да ги носам до нивната куќа – но ова беше нешто друго. По половина час, имаше некакво викање на улица, и тој се разбуди и отрча кон Бакап. Патот нормално ќе го чинеше 12 фунти, но тој ни должи уште околу 20 фунти за потрошеното време. Но, мило ми е што е добро.“
Џони, кој е канцелариски работник и фан на Барнли, бил на натпреварот во кој неговиот тим победил со 2:1 во саботата, по што цела ноќ ја славел победата. Џони, кој живее со својата девојка, вели дека во последно време не излегува толку многу бидејќи сега има 11-месечен син.
„Не можам да се сетам дека сум влегол во такси. А нема шанси да ме разбудат, бидејќи сум тежок на сон. Кога се разбудив, испаничив и избегав. Се качив во автобус кон дома и кога се разбудив, ме очекуваа стотици пораки во врска со постот на такси фирмата. Беше навистина засрамувачко. На работа многу ме зафркаваа, но не се грижам многу за тоа. Сепак, сѐ уште се чувствувам малку непријатно сега. Мислам дека е навистина смешно, но сепак по малку се чувствувам лошо. Ќе стапам во контакт со таксистите да им се извинам.“