На грчкиот остров Икариа луѓето почесто доживуваат 100 години и болестите како рак на белите дробови мистериозно исчезнуваат.

Еден ден во 1976 година, Стаматис Мораитис од Бојнтон Бич, Флорида, го изгубил здивот. Качувањето по скали му било мачно и морал да излезе од работа среде работно време. Откако ги прегледал рентгенските снимки, неговиот доктор заклучил дека Мораитис има рак на белите дробови. Како што се присетува, потоа и девет други доктори ја потврдиле дијагнозата и му давале уште девет месеци живот. Во тоа време тој бил во средината на своите шеесетти. Мораитис, грчки воен ветеран кој во САД пристигнал во 1943, размислувал за тоа да остане во САД и да побара агресивен третман.На тој начин тој и неговата жена Елпиники ќе можеле да бидат во близина на нивните возрасни деца. Но, на крајот сепак решил да се врати на неговиот роден остров Икариа, кадешто ќе можел да биде закопан крај неговите предци на гробиштата кои гледаат кон Егејското море. Тој и Елпиники се преселиле кај неговите постари родители во мала трошна куќа на нецел хектар земјиште со виноград на северната страна на Икариа.

os01

Отпрвин, Мораитис своите денови ги минувал в кревет. Во неделните утра едвај ќе се искачел по ридот до малата православна црква кадешто некогаш неговиот дедо служел како свештеник. Кога неговите другари од детството почнале да се појавуваат секое попладне, ќе зборувале со часови, активност која редовно минувала проследена со шише или две локално произведено домашно вино. Кога веќе умирам, барем да умрам среќен, си мислел тој.

Во текот на следните месеци Мораитис почнал да се чувствува посилно. Еден ден засадил малку зеленчук во својата градина. Не се надевал дека ќе дочека да ги бере, но просто уживал да биде надвор на сонце, дишејќи го свежиот морски воздух. Шест месеци поминале, а тој не умрел. Препуштајќи се на островската рутина, се будел кога ќе се наспиел, работел во виноградот до пладне, ќе направел ручек, а потоа ќе потонел во долга дремка. Навечер често ќе наминел во локалната крчма, кадешто играл домино до после полноќ. Неговото здравје продолжило да се подобрува. Во домот на неговите родители доизградил уште неколку простории за да можат да го посетуваат неговите деца. Виноградот го разработил толку добро што почнал да добива 1500 литри вино годишно.

os02

Ден Бјуетнер, заедно со неговите колеги Мишел Пулен и Џани Пес спровеле истражување во врска со Икариа. Простирајќи се на површина од 160 km² и населен од 10.000 Грци, овој остров се наоѓа на 48 километри од западниот брег на Турција. Научниците заклучиле дека има двојно поголема веројатност луѓето на Икариа да доживеат деведесет години, отколку што тоа е случајот во САД. Ако се случело да заболат од тешки болести како рак или кардиоваскуларни заболувања, во просек требало да изминат десет години пред конечно да подлегнат на подмолната болест и поретко страдале од депресија и заборавност.

Животот на Икариа

Сакајќи да дознае повеќе за репутацијата на овој остров за долговечноста на неговите жители, Бјуетнер го повикал Илиас Лериадис, еден од ретките доктори на Икариа. Докторот го пречекал во својот двор, кадешто на масата поставил каламата маслини, хумус (паста од леблебија и таан), домашен леб и вино.

„Луѓето седат до доцна овде.“ кажал д-р Лериадис. „Се будиме дозна и секогаш дремнуваме напладне. Часовникот едноставно не нѝ интересира.“

Лериадис исто така раскажал и за локалниот планински чај, кој се прави од ендемични билки и се пие секојдневно. Покрај тоа, ги спомнал и мајоранот, жалфијата, чајот од нане и пијалок приготвен од сварени листови од глуварче со малку лимон. Чаевите се сметаат за традиционален лек во Грција. Нането помага против гингивитис и стомачни нарушувања, розмаринот помага против гихт, а за пелинот се смета дека го подобрува крвотокот.

Кога Јоана Кину, фармаколог и професор на Атинскиот универзитет, како и еден од врвните експерти во Европа за биоактивните својства на билкките, ги тестирала најчесто употребуваните билки на островот Икариа, открила дека тие дејствуваат како силни антиоксиданси. Повеќето содржеле и благи диуретици, коишто лекарите ги употребуваат при третирањето на преголемата напнатост. Можеби токму со пиењето чај Икаријците го намалиле нивниот крвен притисок и ги продолжиле нивните животи.

Покрај тоа, проф. Антониа Трихопулу од Атинскиот универзитет и експерт за медитеранска храна, истакнува дека здравата храна на островот го продолжува животот за најмалку четири години. Слабото внесување на заситени масти од месото и млечните производи се поврзува со понискиот ризик од срцеви заболувања; маслиновото масло го намалува лошиот холесторол и го покачува добриот холестерол. Козјото млеко содржи триптофан кој го поттикнува серотонинот и лесно се дигестира од постарите лица. Некои диви плодови содржат десет пати повеќе антиоксиданси од црвеното вино. А самото вино, кога се пие умерено, прави телото да апсорбира повеќе флавоноиди, вид на антиоксидант.Локалниот квасен леб ги намалува гликемиското оптоварување, а компирите се богати со потасиум кој е здрав за срцето, витамин В6 и растителни влакна. Покрај тоа, островјаните јадат зеленчук од нивните градини, благодарение на што внесуваат помалку пестициди, а повеќе хранливи материи.

os03

Ракот на Мораитис целосно се повлекол. „Едноставно си замина“, вели тој. 25 години откако му бил дијагностициран рак на белите дробови и било проценето дека му преостануваат уште девет месеци живот, Мораитис отпатувал за Америка да види дали докторите можат да го објаснат чудото. „Но кога пристигнав таму и ги побарав, моите доктори сите беа починати“, раскажува Мораитис.

Мораитис починал на 3 февруари 2013 година, на 98-годишна возраст.

Сподели на Facebook
пати видено