Градот Макао во Јужна Кина можеби е најдобро познат по своите казина и луксузни хотели, но неговото најголемо обележје е всушност една црква, односно, она што останало од неа. Црквата Св. Павле, позната и како „Матер Деи“, е португалска црква од 17 век посветена на Свети Апостол Павле.

Таа била изградена од 1602 до 1640 година од страна на језуитски свештеници кои патувале на Далечниот Исток за да го рашират католицизмот. Навистина, Језуитите првпат влегле во Кина низ португалската населба во Макао, а црквата Св. Павле била нивната прва црква.

Првично, црквениот комплекс исто така го вклучувал и она што тогаш бил првиот западен универзитет во Источна Азија. Самата црква била една од најголемите католички цркви во Азија во тоа време.

Поголемиот дел од црквата бил изграден од дрво, но имала прекрасна фасада изградена од гранитни блокови. Ова е единствениот дел од зградата што го преживеал тајфунот и последователниот пожар кој го зафатил остатокот од црквата во 1835 година. Ова бил трет пожар во историјата на црквата.

Оригиналната црква била изградена во 1580 година, но била опожарена двапати – во 1595 година и повторно во 1601 – што ги поттикнало Језуитите да започнат со повторна изградба. Првичниот ѕид со гранитниот блок бил проширен, а меѓу 1620 и 1627 година била додадена гранитна фасада изградена од јапонски христијани.

Откако третиот оган ја уништил црквата, таа не била повторно изградена, бидејќи тогаш била веќе напуштена повеќе од седумдесет години, откако Језуитите биле протерани од страна на португалските власти. Меѓутоа, ѕидот и фасадата биле зајакнати.

Преживеаната фасада се издигнува во четири столба и е покриена со резби и статуи кои ги илустрираат раните денови на Католичката црква во Азија.

Постојат статуи на Богородица и Светците, симболи на Едемската градина и распетието, и резби на ангели и ѓаволи, кинески змеј и јапонска хризантема, португалски брод и побожни предупредувања напишани со кинески знаци.

Трите арки на дното најверојатно некогаш држеле високи двојни врати, како што е прикажано со сликата на црквата од 1854 година од страна на германско-американскиот уметник Вилхелм Хајне. Сликата покажува како една од вратите е затворена и ѕвона се монтирани на источните и западните арки.

Наведната структура била дополнително зајакната во 1990-тите со потпора од бетон и челик. Челични скали им овозможуваат на туристите да се искачат до врвот на фасадата од задниот дел за да ги разгледаат камените резби и да уживаат во панорамскиот поглед на градот подолу.

Сподели на Facebook
пати видено