Моавиа Елдеб од Египет бил шесто одделение кога со своите родители се преселиле во САД. Гледајќи на тоа како на светла иднина, тој и неговите браќа продолжиле со образованието во муслиманското  училиште Ал Медина. Во тој период работел само неговиот татко, со оглед дека мајка му се грижела за помалиот брат кој страдал од ектодермална дисплазија. Неговото семејство западнало во финансиска криза, по што тој бил приморан да работи од својата 12 –та година во една пицерија во Квинс, Њујорк. Работел по 12 часови дневно, само за да обезбеди храна за своето семејство.

Неговото детство, како што вели тој не било среќно и безгрижно. Не само што почнал да работи на мали години, тој доживеал уште една перипетија кога за малку ќе го изгубел неговото семејство во екплозија. Во зградата каде живееле, поради проблеми со стара инсталација, под јак напон на елекрична енергија избила експлозија. Неговата мајка и малото братче едвај ги извадиле живи, под урнатините на станбената зграда која изгорела до темел. Нивниот дом бил уништен и тие морале да се преселат во прифатилиште за бездомници. За среќа, во прифатилиштето секогаш имало доволно храна, па тој не морал да работи и се вратил на училиште. Тој покажал интерес за компјутерски науки. Како еден од најдобрите ученици добил стипендија од Колеџот Квинс, спонзориран од Фондацијата Робин Худ. Оттаму се префрлил на Универзитетот во Колумбија, каде продолжил со студии за компјутерски науки и програмирање.

За време на студиите, со еден колега почнале да вежбаат во теретана, а тој продолжил да работи како личен тренер, давајќи упатства за вежби на тело. Во меѓувреме дошле до идеја за изработка на т.н. паметни огледала кои можат да се користат во спортски сали и фитнес центри.  Немајќи доволно средства за да почнат со сопствена вежбална, тие аплицирале преку програмата на Y – Combinator како модел за финансирање на бизнис идеи.  За само неколку месеци достигнале  профит од 1.5 милиони Долари и ја основале фирмата Смартспот.

Нивната фирма,Смартспот, се занимава со изработка на паметни огледала, кои имаат улога на лични тренери, со комплетна аудио – визуелна програма. Станува збор за  рамен екран, поврзан со Кинект камера кој го следи тренингот и води евиденција за параметри како тежина, висина, мускулна маса итн.

Сподели на Facebook
пати видено