ГИС е „паметна карта“ што им дава можност на корисниците да имаат увид во целото зеленило на урбаните средини, да поставуваат интерактивни прашања, да ги анализираат просторните информации и да ги уредуваат податоците.

Поимот ГИС (Географски информационен систем) не познат меѓу обичните граѓани кај нас, но може да биде од суштинско значење за нашето секојдневие и одржување на зеленилото во урбаните средини, во кое сите сакаме да уживаме, а секој ден го има се помалку.

Дипломецот Бојан Михајловски својот дипломски труд го посвети на ГИС и воведување на модерни современи геоматски техники и технологии во урбаното градско зеленило, поточно за шеталиштето на Кеј Куманово, (целосната карта можете да ја видите тука) но се надева дека овој метод ќе почне почесто да се применува во шумарството кај нас.

Технологијата на географскиот информациски систем може да се користи за научни истражувања, управување со ресурсите, управување со имоти, планирање на развојот, просторно планирање, картографија и планирање на инфраструктурата. ГИС често се користи и за потребите на маркетиншките истражувања, геологијата, градежништвото, но и во сите области што користат податоци кои се поврзани со карти.

Во поширока смисла ГИС е орудие на „паметна карта“ што им дава можност на корисниците да поставуваат интерактивни прашања (истражувања што ги создава корисникот), да ги анализираат просторните информации и да ги уредуваат податоците.

Михајловски наведува дека преку користење на ГИС ќе се постигнат повеќе краткорочни и долгорочни цели, кои ќе влијаат на целокупната дендрофолора.

Краткорочни цели

  • Спречување на неконролирана сеча на стеблата
  • Спречување на уништување на зелената површина
  • Изработка на јавно доступен зелен катастар
  • Зголемување на транспарентноста на комуналното претпријатие
  • Зголемување на свеста на јавноста за потребните вложувања во зелените површини и дрвја
  • Осигурување на одржливоста со вложување во околината
  • Едукација на граѓаните за природните богатства на градот

Долгорочни цели

  • Одржливо стопанисување со зелените површини и дрвјата
  • Контролирани, планско уредени активности за одржување на зелените површини
  • Зголемување на фондот и квалитетот на дрвјата
  • Осигурување на здрава и убава градско урбана средина за идните генерации
  • Информации кои ни даваат точен и прецизен податок и одговор на прашањата колку имаме, каде имаме, што имаме?

„За компјутерска обработка на податоците и снимките земени од терен е користен QGIS (Quantum Geographic Information System), како главен софтвер и користени се и други помошни програми, за снимање на деталните точки на теренот е употребен GPS уред, како и за снимање и правење на нова орто – фото снимка е употребено модерно софистицирано беспилотно летало Дрон DJI Mavic Pro.“, вели Михајловски.

Со цел детално и прегледно прикажување на дендрофлората и собраните атрибути од кејот, ГИС платформата ни нуди најразлични можности и поволности во врска со картирањето односно изготвување на карти. За таа цел изготвени се 5 карти.

На вака комплетирана база на податоци ГИС софтверот ни дава можност да создадеме web базирана дигитална карта на сите дрвја на кејот во Куманово, со што би било достапно за сите граѓани. Сите граѓани, посетители на кејот или во иднина на било која урбана зелена површина може да имаат преглед на дрвјата каков вид , во каква состојба е, која висина, дијаметар за секое стебло поединечно. Со кликнување на посакуваната точка се отвора прозорец во кој се наоѓаат сите информации и атрибути поврзани за истата.

Што се однесува до потребата од ваков систем и причината поради кога не е застапен на нашите простори, Бојан објаснува:

„Потребата на нашето општество од вакви софтвери, апликации и беспилотни летала е неопходна но секогаш постоеле пречки во воведување на новите технологии пред се поради паричните средства, недостаток на развојна стратегија, недостаток на образовен кадар кој ќе ги спроведе реформите, но пред се најголем број од случаите се од незнаење односно недоволна информираност за предностите на оваа технологија. Целокупниот напредок на технологијата и на беспилотните летала предизвика многу поголем степен на искористеност на површините покриени со зеленило, со други зборови Дрон претстаува „око“ на шумата и на целокупните зелени површини гледано од небото. Новите геоматски техники и технологии можат да се внесат и применат во сите области на шумарството дали се работи за урбаната дендрофлора или за поголемите површини покриени со шума, но и со соодветен софтвер или надоградување на постоечкиот да се прилагодат за потребите на институциите и во сите други области.“

Да се надеваме дека институциите ќе ја сфатат важноста на ваквите проекти и ќе помогнат во нивната реализација, со цел да го сочуваме природното богатство кое веќе станува „ендемски вид“ во урбаните средини, а е од клучно значење за нашето и здравјето на нашите деца.

Сподели на Facebook
пати видено