Покојниот Хари Браун е автор, политичар и инвестиционен аналитичар. Бил претседателски кандидат на Либертаријанската партија за претседателските избори на САД во 1996 и 2000 година. Автор е на повеќе од дванаесет книги кои се продале во повеќе од 2 милиони копии. Како новогодишен подарок на неговата деветгодишна ќерка решил да и подари нешто невообичаено, но и нешто многу искрено – мотивационо писмо полно со вредни совети и животно искуство.

 

Мила,

Божиќ е, и јас го имам вообичаениот проблем да се решам што да ти купам. Знам дека би те израдувале многу нешта – книги, игри, облека.

Но јас сум многу себичен. Сакам да ти дадам нешто што ќе ти остане многу подолго од неколку месеци или години. Сакам да ти подарам подарок кој секој Божиќ ќе те потсетува на мене.

Кога би можел да изберам само едно нешто, би сакал тоа да биде една едноставна вистина за која ми требаа многу години да ја осознаам. Ако ти ја научиш сега, може да ти го збогати животот на стотици начини. Исто така, може да те поштеди од многу проблеми коишто ги повредуваат луѓето коишто не ја научиле.

Вистината е едноставно ова:

Никој за ништо не ти е должен.

 

Значењето

Како би можела ова едноставно изречение да биде толку значајно? Може и да не изгледа така, но ако ја разбереш ќе биде благослов за целиот твој живот.

Никој за ништо не ти е должен.

Тоа значи дека никој не живее за тебе, дете мое. Бидејќи никој не е ти. Секоја личност си живее за себе; неговата сопствена среќа е единственото нешто што тој лично може да го почувствуа.

Кога ќе разбереш дека никој не ти должи среќа или било што друго, ќе бидеш ослободена од очекувањето на нешто што има многу мала веројатност да го добиеш.

Тоа значи дека никој не е обврзан да те сака. Ако некој те сака,  можеби е поради тоа што во тебе има нешто посебно што го прави среќен. Откриј што е тоа посебно во тебе и обиди се да го направиш уште посилно, за да бидеш сакана уште повеќе.

Кога луѓето прават нешта за тебе, тоа е бидејќи тие сакаат да го направат тоа – бидејќи ти на некој начин си им дала нешто значајно што прави да сакаат да те задоволат, не бидејќи ти должат нешто.

Не е задолжително ни да му се допаѓаш на секого. Ако твоите пријатели сакаат да бидат со тебе, тоа не е поради чувство на должност. Откриј што е тоа што другите ги прави среќни кога се со тебе.

Никој не е должен да те почитува. Некои луѓе дури можеби и ќе бидат нељубезни со тебе. Но штом еднаш ќе разбереш дека луѓето не мора да бидат добри со тебе, и можеби и навистина нема да бидат, ќе научиш да ги избегнуваш тие коишто ќе сакаат да ти наштета. Бидејќи, и ти на нив не си им должна за ништо.

Живеј си го својот живот

Никој за ништо не ти е должен.

Ти си должиш на себеси да бидеш најдобрата личност која би можела да бидеш. Бидејќи ако си, другите ќе сакаат да си со тебе, ќе сакаат да ти овозможуваат разни нешта во замена за нештата кои ти им ги даваш на нив.

Некои луѓе ќе одберат да не бидат со тебе од причини коишто немаат никаква врска со тебе. Кога ќе се случи такво нешто, врската каква што ја очекуваш побарај ја на друго место. Немој туѓиот проблем да го правиш свој проблем.
Штом еднаш ќе научиш дека мора да ја заслужиш љубовта и почитта од другите, никогаш нема да го очекуваш невозможното и нема да се разочаруваш. Другите со ништо не се обврзани да ја споделуваат нивната сопственост со тебе, ниту нивните чувства и мисли.

Ако тоа го прават, го прават бидејќи си ги заслужила тие нешта. И тогаш ќе ја имаш секоја причина да бидеш горда на љубовта којашто ја примаш, почитта на твоите пријатели и сопственоста која си ја заработила. Но никогаш немој да ги сфаќаш здраво за готово. Ако така правиш, може и да ги загубиш. Тие не ти припаѓаат по некакво вродено право – секогаш мора да ги заслужуваш.

Моето искуство

Оној ден кога разбрав дека никој не ми е должен за ништо ми се симна голем товар од рамениците. Толку долго си мислев дека имам право на некои нешта, што просто се истоштував – физички и емоцинално – обидувајќи се да ги добијам.

Никој не ми должи морално однесување, почит, пријателство, љубов, љубезност или разбирање. Штом еднаш го увидов тоа, сите мои односи со другите станаа многу позадоволителни. Се сосредоточив на тоа да бидам со луѓе кои сакаат да ги прават оние нешта кои јас сакам да ги прават.

Тоа сфаќање многу добро ми послужи со пријателите, соработниците во бизнисот, љубовниците, како и оние кои не ги познавам. Тоа постојано ме потсетува дека можам да го добијам тоа што го сакам само ако успеам да влезам во светот на другата личност. Морам да се обидам да разберам како таа размислува, што верува, што сака. Само тогаш можам да му се допаднам на некој на начин што ќе направи и јас да го добијам тоа што го сакам. Само тогаш можам да проценам дали со некого навистина сум воспоставил врска. Така можам да ги зачувам важните врски со тие со кои најмногу имам заедничко.

Не е лесно да се собере во неколку зборови сето ова за што ми биле потребни години и години да го научам. Но можеби, ако секој Божиќ повторно го прочиташ овој мој подарок, неговото значење секоја година ќе ти биде сѐ појасно и појасно.

Се надевам дека ќе биде така, бидејќи најмногу од сѐ сакам да ја разбереш оваа едноставна вистина што може да те ослободи.

Сподели на Facebook
пати видено