Научно-технолошкиот напредок донел многу подобрувања во животот на луѓето. Едно од тие откритија кои го посакуваме е и месото од лабораторија. Месото произведено во лабораторија има неколку називи: инвитро месо, вештачко месо или месо од епрувета.
Тоа е месо кое е вештачки одгледано во лабораторија, никогаш не било дел од некое животно и нема нервни завршетоци, така што не може да чувствува болка. Неколку реномирани лаборатории работат на одгледувањето на вакви видови месо.
Се смета дека ваквото месо би имало неколку предности. Пред сѐ, би го укинало злоставувањето и убивањето животни за исхрана на луѓето. Потоа, и вегетаријанците би можеле да почнат да јадат месо. Третата предност е зачувувањето на околината, бидејќи не би се загадувала околината во текот на производството на храна.
Научниците веќе неколку пати успеале да направат вештачко мускулно ткиво коешто самото се размножувало, но сѐ уште не успеале да направат вистинско месо за комерцијална употреба. Најблиску до тоа биле научниците од Холанија кои во 2009 година успеале да одгледаат месо во лабораторија. На TED конференцијата во 2011 година еден американски научник дури донел и примероци од вакво месо и јавно го изел. Бидејќи ваквите видови на истражувања имаат голем број на спонзори, сигурно е дека за некоја година најпосле ќе биде произведено месо во лабораторија. Се претпоставува дека процесот на производство ќе биде сличен на јогуртот, при што клетките сами ќе се размножуваат. За тоа ќе биде потребно да се земат само неколку клетки од едно животно, од коишто ќе можат да се направат стотици килограми месо.
Секако, се поставува прашањето како потрошувачите ќе реагираат на ваквото месо. Тука е и прашањето за неговиот ефект врз здравјето. Возможно е на почетокот да не биде прифатено од голем број на луѓе. Во секој случај, месото од лабораторија веќе не е нешто од научната фантастика. Само прашање на време е кога ќе се најде на нашата трпеза.