На 96-годишна возраст, Артур Ашкин е најстариот човек што некогаш добил Нобелова награда. Ашкин освои половина од наградата за физика во 2018 година за неговата улога во развојот на технологијата што ги прави многу малите суштества да „лебдат“ користејќи само светлина. Тој работел во Bell Labs во 1960-тите, 70-тите и 80-тите години.

Неговото откритие го поттикнало пронаоѓањето на оптички пинцети, кои биле користени за да се протегне ДНК и да се измисли тест за маларија, меѓу другите медицински намени. Нобеловиот лауреат вели дека сè уште не завршил со изумите. Неговата доживотна опсесија со светлина го однела до неодамнешниот пресврт кон соларната енергија.

Новиот пронајдок на Ашкин користи геометрија за да ја фати и да ја насочи светлината. Се потпира на рефлектирачки цевки како концентратори кои ги интензивираат сончевите рефлексии, што би можело да ги направи постојните соларни панели поефикасни или можеби ќе ги замени со нешто поефтино и поедноставно.

„Цевките се неверојатно евтини.“, вели Ашкин, кој верува дека токму поради ниската цена ќе можат да го „спасат светот“. Тој дури фрлил око и на втора Нобелова награда: „Планирам и да ја освојам“, вели 96-годишниот Артур.

Артур веќе ги поднел потребните документи за одобрување на патентот (тој има најмалку 47 патенти до денес) за неговиот нов изум, но вели дека не е подготвен да ги сподели фотографиите на концентраторите со јавноста, засега. Наскоро се надева дека ќе ги објави резултатите во списанието Science.

Ашкин своите изуми ги креира во неговиот подрум, во домот кој го дели со неговата 86-годишна сопруга која е хемичарка. Тој вели дека се оженил со неа затоа што била многу паметна и го научила сѐ што треба да знае за хемијата.

Тој е убеден дека откако ќе биде објавен дизајнот, новата технологија ќе се движи низ светот, од неговиот дом во Њу Џерси до Индија и пошироко, обезбедувајќи евтина, чиста, обновлива моќ за домови и бизниси.

Сподели на Facebook
пати видено