Трошоците за изградба на куќа не се мали и подигнувањето кредит е речиси неизбежно при тргнувањето во ваков потфат. Освен финансиската гледна точка, важно е да се земе предвид и како влијание имаме врз природната средина при употребата на различни инванзивни методи и штетни материјали во процесот на изградба. Преку размислување надвор од вообичаените рамки и со употреба на природни методи, трошоците за изградба можат да се намалат значително, а исто така и да се употребат одржливи материјали. Таканаречените „земјанки“ го користат околниот терен во комбинација со природни елементи како земја, глина и различни видови на дрво за да се создаде простор за живеење кој не ја нарушува природната околина. Овие домови се со извонредно добра изолација поради дебелите земјени ѕидови, па поради тоа тие лете остануваат свежи, а зиме топли. Со тоа се намалува потребата за вештачко затоплување, т.е. ладење, па така се намалува и самата потрошувачка на енергија. Дизајнерите на овие земјени домови предвиделе снабдување со помош на сончева енергија, со што максимално се искористува еколошкиот момент. Еве некои неконвенционални дизајнерски решенија за куќа кои навистина се применуваат, а кои можат да ви дадат идеја за необичен и уникатен дом, а кој згора на сѐ би можел да биде и отпорен на природни катастрофи.

dm02

Фирмата „Мagic Green Homes“ (Волшебни зелени домови) ги создала овие куќи чиишто делови можете да ги купите однапред изработени и да си изградите куќа за само три дена. Наликувајќи на филмските хобитски домови, овие куќи се покриени со земја и зеленило и лесно се вклопуваат во било кој терен. Заземаат простор од 37 метри квадратни и за нивната изградба не се потребни сложени машини, туку секој може да си ги изгради сам.

dm03

Изградете дом кој е отпорен на природни катастрофи! Групацијата Кол Ерт осмислила низа курсови за тоа како да се изгради куќа од одржливи материјали отпорна на природни катастрофи, притоа употребувајќи материјали кои се употребуваат за заштита во високо ризични воени подрачја – вреќи наполнети со земја, бодликава жица и стабилизирачки материјали како цемент или асфалт.

dm04

Ла Каса Вергара се наоѓа во Богота, Колумбија, и е дело на архитектот Хозе Андрес Валехо, и тоа од вреќи полни со земја! Тоа се вреќи наредени една врз друга и обложени со бетон од двете страни, што спречува оштетувања од земјотрес или поплави. Изложените дрвени греди и изобилството на дневно светло се само дел од шармот на оваа куполеста градба чијашто цена изнесува околу 24 евра по квадратен метар.

dm05

Оркидстудио, организација која се занимава со дизајн во хуманитарни цели, отворила сиропиталиште во местото Накуру во Кенија, кое е целосно изградено со вреќи полни со земја. Пасивната соларна структура ја впива топлината во текот на денот и ја испушта во текот на ноќта, што создава пријатно место за престој. Зградата е изградена од рециклиран дрвен материјал и има систем за собирање дождовница. Селата структура била изградена за само осум седмици!

dm06

Изградбата на еколошки домови кои не ѝ штетат на средината е чекор во вистинска насока. Фирмата Ерт Хоум Билдер осмислила технологија која го убрзала процесот на полнење вреќи со земја, и тоа со полнење на 400 вреќи за еден час. Во споредба, човечката рака може да наполни само 30 вреќи за еден час. Со примена на оваа технологија, изградбата на вакви куќи станува побрза и подостапна.

dm07

Едно семејство од Мексико решило со помош на архитектот Татјана Билбао да изградат своја куќа, располагајќи со ограничени финансиски средства. За да добијат шарен екстериер и соодветен ентериер, ја искористиле праксата на додавање на пигменти во земјаните материјали, пред да почнат со редењето слоеви и самата изградба. Поради своите ѕидови од земја, куќата има подобра можност за регулирање на струењето на воздухот, што е од клучна важност за време на жешките мексикански лета.

dm08

Луксузната вила Трикс е изградена од земја, бамбус и рециклирано дрво. Фирмата Чиангмаи Лајф Констракшн ја изградила оваа необична градба во северен Тајланд која има основа од глина и бетон, а остатокот е изграден од набиена земја. Покривот е изработен од бамбус, а внатрежноста е обложена со рециклирани материјали. Во дворот има и базен. Еколошкиот и одржлив пристап не мора да значи и помалку луксуз.

dm09

Оваа куќа се наоѓа во Гана во западна Африка и е изградена од набиена земја и рециклирана пластика во комбинација со природни материјали за зацврстување. Пластиката која пред тоа била отпад била пренаменета во материјал за покривот и прозорците. Овој дом е дизајн на студентката Ана Вебстер и со него победила на натпреварот на фирмата NKA Foundation. Куќата чинела 7865 долари и служи како пример за тоа што сѐ може да се изгради со најдени материјали и малку креативност.

Сподели на Facebook
пати видено