Зошто понекогаш одредени напори ни пропаѓаат? Зошто понекогаш нашата професија не ни носи успех? Мислиме дека правиме сè како што треба, но нешто очигледно пропуштаме… Оваа приказна ќе Ви помогне да пронајдете одговор на овие прашања.

Еден столар бил прочуен по неговите вештини и мајсторство да изработува извонредни предмети. Сите се восхитувале на неговите дела. Тие биле толку убави и прецизно изработени, што некој би кажал дека самиот Бог го држел длетото.

Славата на овој мајстор растела и приказната за него се пренесувала од човек на човек. Стигнала и до царот, кој бил љубопитен да се запознае со познатиот столар и да разбере која е тајната на неговото мајсторство.

– Кажи ми како ги создаваш сите овие божествени креации? – прашал царот. – Во нив има нешто прекрасно и неостварливо што не може да се опише со зборови. Сигурно имаш некоја посебна тајна, која не им е позната на другите мајстори.

– Да, така е – рекол човекот. – Има таква тајна. Кога почнувам со изработка на нешто ново, првин постам неколку дена. По три дена пост, јас веќе не мислам за наградувањето, што ќе го добијам за работата, а по петтиот ден од постите, заборавам и за почестите и пофалбите. По седум дена сè околу мене престанува да постои, заборавам дури и на себе. Целата моја духовна енергија и мисла е насочена само кон мојата работа, таа го исполнува целото мое суштество.

И тогаш веќе одам во шумата за да го изберам дрвото за мојата работа. Долго време талкам и барам дрво со божествената природа, барам совршенство. И тогаш почнувам со работа од сета своја душа, со сета љубов и сила, која ми е дадена од Бог. Затоа и резултатот е божествен.

Сподели на Facebook
пати видено