Андреја Петковиќ од Шибеник, Хрватска, им раскажала на новинарите дека нејзиниот син по вакцинацијата еден час бил во бесознание и морал да биде хоспитализиран поради настанатите тегоби. Таа вели дека повеќе никогаш нема да го вакцинира својот син кој бил задржан во болница поради висока температура која ја добил по вакцината МРП (морбили, рубеола и паротит). Набргу откако ја примил инекцијата, нејзиниот син добил висока температура и ја загубил свеста.
„На итна се обидуваа да го разбудат скоро еден час. По половина час почна да одговара на прашањата, но не можеше да ги отвори очите. На педијатрија врз основа на високата температура мислеа дека станува збор за вироза, но кога утврдија дека сепак станува збгор за бактериско воспаление, го лечеа со интравенозни антибиотици. Пет дена бевме в болница“, раскажува загрижената мајка.
Мајката решителна: Никогаш повеќе нема да го вакцинирам синот
„Синот на вакцинација го доведов здрав, а го вратив дома болен“, додава г-ѓа Андреја, вознемирена бидејќи никој не ја предупредил за каква вакцина станува збор, ниту пак за можните нуспојави. Во отпусното писмо на петогодишното момче пишува дека дошло до реакција на вакцината, а во болница ја убедувале дека тоа не е така.
Таа раскажува дека со истите симптоми во истото тоа време во болницата било примено и едногодишно бебе кое добило иста таква вакцина во Австралија. Врз основа на искуството со нејзиниот син, лекарите и тоа бебе го третирале со антибиотици против реакции на вакцинација.
Неврологот ја советувал да разговара со имунолог пред следната вакцинација, но таа е решителна во својата намера детето никогаш повеќе да не го носи на вакцинација. Свесна е дека момчето е обврзано да прими уште некои вакцини, но таа за тоа не сака ниту да слушне.
„Не сакам пак да минувам низ истата драма“, вели таа.
Експертите: Момчето не можело да се разболи од вакцината, и еве зошто
„Конвулзиите поради кои пред десет дена бил хоспитализиран петгодишникот не можеле да бидат нуспојава на вакцинирањето, а исто така не е вистина ни тоа што се пишува во медиумите дека таков заклучок може да се изведе од отпусното писмо со кое детето било пуштено од болница неколку дена подоцна“, порачуваат хрватските медицински експерти.
Епидемиологот д-р Бернард Каиќ кој управува со одделението за превенција на заразни болести и вакцинација во Хрватскиот завод за јавно здравство вели дека момчето не можело да добие конвулзии за толку кратко време по вакцинацијата, како што е наведено во медиумите и извештаите на медицинските лица.
„Според информациите кои ги добив од колегите во Заводот за јавно здравство во Шибеник, едно петгодишно дете било примено во тамошната болница на 12 ноември, еден час по вакцинацијата. При приемот имал зголемена температура. Детето било хоспитализирано до 17 ноември 2016 кога било пуштено со дијагнозата `Конвулзија по вакцинација за МПР; инфекција на дишниот систем`. До сега не сме примиле писмена пријава за нуспојава при вакцинација ниту од лекарот кој го вакцинирал детето, ниту од болницата“, додава тој, истакнувајќи дека конвулзиите предизвикани од вакцина можат да се случат на два начини, од кој ниту еден не наликувал на овој случај.
„Конвулзиите по вакцинација со вакцина МПР можат да настанат како последица на многу ретка и тешка нуспојава на вакцинацијата – енцефалитис или како последица на зголемена температура како нуспојава на вакцинацијата, при што станува збор за фебрални конвулзии. Но, енцефалитисот како последица на МПР не може да се јави толку брзо по вакцинацијата. Се јавува 5 до 15 дена подоцна и тоа кај едно во милион вакцинирани деца. Од друга страна, фебрилните конвулзии можат да се јават по било каква повишена температура, па според тоа и по температура предизвикана од било каква вакцина, но сепак, и во овој случај еден час по вакцинацијата е прекратко време“,објаснува Каиќ.