Прочитајте го овој поучен расказ, кој ја претставува болната вистина за општеството, од бугарската писателка Здравка Евтимова.

Расказот ќе биде вклучен во учебниците за средните училишта во САД.

Крв од крт

Во мојата продавница доаѓаат малку купувачи. Вообичаено, наставниците кои бараат комплет од експериментални животни за часовите по биологија. Продавам жаби, инсекти, гуштери. Наскоро ќе се откажам, но не можам да ги покријам загубите. Но и така, се навикнав на оваа соба, темнината и мирисот на формалин.

Еден ден една жена влезе во продавницата. Беше мала, свиткана како куп снег напролет. Не ме погледна. Сигурно не сакаше да купи нешто, едноставно ѝ се слошило на улицата. Таа се заниша, ќе паднеше ако не ја фатев за раката.

„Имате ли кртови?“, одеднаш праша непознатата. Очите ѝ тлееа како стара скината пајжина со мал пајак во средината на зеницата.

„Кртови ли?“, застанав. Требаше да ѝ кажам дека никогаш не сум продавала и никогаш не сум видела кртови. Жената сакаше нешто друго да слушне, нејзиниот поглед гореше во моите очи.

„Немам“, реков. Таа воздивна, а потоа одеднаш се сврте.

„Еј, застанете!“, извикав. „Можеби имам кртови.“

Таа застана. Ме погледна.

„Крвта на кртот лекувала“, прошепоти жената. „Треба да испиеш три капки.“

Ме фати страв. Болката ѝ ги продлабочуваше очите.

„Барем болката малку запирала…“, прошепоти таа, тогаш гласот ѝ згасна.

„Дали сте болна?“, прашав.

„Мојот син.“

Нејзините раце, тенки како суви гранки, се тргнаа од штандот. Сакав да ја смирам, да ѝ дадам нешто, барем чаша вода. Нејзините раменици беа тесни и изгубени во темно сивиот капут.

„Сакате вода?“

Кога ја зема чашата да пиеше, мрежата на брчки околу нејзините очи трепереше.

„Ништо, ништо“, реков. Не знаев како да продолжам. Таа се сврте и одеше кон вратата.

„Ќе Ви дадам крв од крт!“, викнав.

Истрчав во задната соба. Не мислев што правам, не ме интересираше, што ќе ја излажам. Немаше од каде да земам крв. Немав кртови. Жената чекаше. Ја турнав вратата за да не види што правам. Јас го пресеков мојот зглоб со ножот кој го држев во фиоката во кутиите за мамки за риболов. Крвта почна полека да излегува од раната. Не болеше, но се плашев да гледам како се цеди во шишето. Се собра малку, како две или три голтки да паднале на дното. Излегов од задната соба, побрзав кон неа.

„Еве Ви!“, реков. „Оваа крв е од крт!“

Таа се загледа во мојата рака, уште крвава. Таа не посегна по шишето. Насилно ѝ го турнав во рацете.

„Од крт е! Од крт е!“ Во внатрешноста, како запален оган, крвта трепереше. Таа извади пари од својата стара торба.

„Не. Јас не сакам“, реков.

Жената не ме погледна. Таа ги фрли банкнотите на масата и се залета кон вратата. Сакав да ја испратам, или барем да ѝ дадам вода пред да замине. Но, почувствував дека не ѝ треба, никој не ѝ требаше.

Есента продолжи да го исполнува градот со своите магливи денови. Наскоро морав да ја затворам продавницата. Беше ладно, луѓето поминуваа покрај излогот. Немав купувачи на тој студ.

Едно утро вратата се отвори нагло. Онаа, мала жена, влезе внатре. Се стрча кон мене. Сакав да се сокријам во соседниот ходник, но таа ме стигна. Таа ме прегрна. Заплака. Ја задржав да не падне изгледаше немоќна. Одеднаш ја крена левата рака. Лузна од раната ја немаше, но таа го најде местото. Ги залепи усните на мојот зглоб, нејзините солзи ја навлажнуваа кожата на мојата рака и ракавот на сината работна престилка.

„Тој оди“ извика жената, криејќи ја својата нестабилна насмевка. Сакаше да ми даде пари. Беше донела нешто во голема торба. Почувствував дека се заледила, а нејзините мали прсти беа цврсти и не се тресеа. Ја испратив, но таа стоеше долго време на аголот, мала и насмеана на студот. Тогаш улицата беше пуста. Ми беше убаво во продавницата. Толку слатка ми се стори старата глупава миризба на формалин.

Уште истото попладне пред шанкот во темната соба дојде еден човек. Висок, свиткан, исплашен.

„Дали имате крв од крт?“, праша тој, а очите што му се прилепија на моето лице без да трепнат.

„Немам. Никогаш не сум продавала кртови тука.“

„Имаш! Имаш! Мојата сопруга ќе умре. Само три капки!“ Ме фати за левата рака, го крена ракавот и ми го свитка зглобот.

„Три капки! Инаку ќе ја изгубам!“

Крвта течеше многу бавно од раната. Човекот го држеше шишето, капките се стркалаа како мравки на дното. Потоа ги остави парите на масата.

Следното утро голем број луѓе чекаа пред вратата на продавницата. Во рацете стиска мали ножеви и мали шишенца.

„Крв од крт! Крв од крт!“ – викнаа, викаа, удираа.

Секој од нив имаше мака дома и нож во раката.

Сподели на Facebook
пати видено