Покажете му тетовиран криминалец на Аркадиј Броников и тој ќе знае колку долго време бил во затвор, каков престап сторил и каде е нивното место во криминалната хиерархија. 89-годишниот поранешен падобранец собрал повеќе од 20.000 тетоважи од мажи и жени затвореници – и се смета за водечки експерт во Русија во ова поле.

Неговата репутација е таква што од него бараат помош и странски и меѓународни организации како Интерпол, а бил вклучен во истраги во Велика Британија и др.

tt01

„Нашиот регион има многу работни логори, вклучувајќи три затвори за жени“, вели Броников од Перм на Урал. „Додека собирав материјал за зависниците од дрога за мојата теза, почнав да обрнувам внимание на нивните тетоважи. Потоа почнав да ги собирам; отпрвин тоа беше само хоби. До 1985 година собрав повеќе од 20.000, и тоа не само од регионот на Перм, туку и од соседни места. Во 1989 се пензионирав. Пред тоа објавив околу дваесет и пет прирачници во врска со злоупотребата на дрога, прирачник за затворски сленг – мојот речник содржи околу 10.000 зборови, и прирачник за тетоважи“, им раскажал тој на Олга Гертцик Вера Салницкаја од Сибериско Време.

tt02

„Во средновековието криминалците биле жигосувани. Сега тоа не се прави -но тие самите се обележуваат себеси со тетоважи, при што некои од нив се тетовирани по целото тело“, додава тој. „Тетоважите на осудениците во Русија се симбол на престиж и статус во рамките на криминалното братство.

Тие не се покоруваат на законот, тие се покоруваат на нивни сопствени закони. Колку повеќе тетоважи има криминалецот – не уметнички, туку тетоважи кои говорат за нивните престапи – толку поголем авторитет претставува тој. Тетоважите можат да кажат значајни нешта за личноста, на пример, колку пати бил затваран. Телото често се покрива со облека, па така тие прават тетоважи на рацете и на прстите во вид на прстени. Доколку криминалецот си истетовира погрешна тетоважа, да загризе повеќе отколку што може да изџвака (да излаже за своите престапи) – а во затворите проверуваат подобро од полицијата, тогаш тој човек ќе биде строго казнет, тепан или силуван.“

tt03

Неговиот интерес за тетоважите бил поттикнат од неговата желба да се бори со криминалот.

„Зошто почнав да собирам тетоважи? Познавањето на тајниот симболизам и криминалните начини на комуникација ви дава шанса да се борите со нив. Кога ќе видите теотоважа, можете да многу да научите за нејзиниот сопственик. Тоа е голема помош за иследникот. Тој веднаш знае дека овој човек бил во затвор. А и обичниот човек може да добие важни информации, не само инспекторот. На пример, може да препознае крадец или силувач. Само руските затвореници толку високо ги ценат, ги третираат како почесни симболи, како награди. Тие се горди на нивното криминално минато. Постојат вистински уметници помеѓу изработувачите на тетоважи кои се способни да ги копираат светски познатите уметници.

tt04

Криминалците со авторитет честопати си тетовираат „систинска Богородица“ или некоја Богородица од Леонардо. Кога само тие ренесансни ументици би знаеле дека нивните ремек дела еден ден ќе бидат боцкани со урина на испотените стомаци во руските затвори…

Покрај информацијата за бројот на затворските казни, можеме да научиме зошто бил затворан и неговата позиционираност во криминалниот свет. Криминалците со авторитет, особено попознатите крадци, ставаат ѕвезди под нивните клучни коски. Ѕвездите на колената значат: „Никогаш нема да клекнам на колена пред законот“. Кога читате тетоважа, многу е важно да знаете што значи местото на кое е ставена тетоважата. Крстовите се особен знак на авторитет. Крадците се тие коишто владеат во затворите, не убијците.

tt05

Тетоважите со ножеви значат дека биле затворани за хулиганство. Тетоважите со ѕверови – лавови, волци, тигри – значат дека биле затворени за насилен грабеж. Пајаците и шприцовите означуваат наркомани. Црквата е друг чест симбол – бројот на куполите го означува бројот на затворските казни, исто како и прстените. Често пати мораат да додаваат повеќе куполи, иако тие не би изгледале правилно во споредба со вистинските цркви.

Често пати има текст на тетоважите, на пример: „Проклети да се тие кои решиле да поправаат човек со затвор“, или „Затворите не се училиште, а обвинителот не е учител“.

tt06

Во затворите тетоважите си имаат правила. Некои луѓе не ги знаат овие правила и прават тетоважи кои можат да им донесат лоши последици. Еден морнар од Архангелск решил да истетовира слика од гола жена на неговиот колк. Во затвор, сликата на гола жена на грбот или на колковите ги обележува тие коишто биле силувани. Еден ден на плажа, група бивши затвореници го поканиле „да биде дама“. Се разбира, тој се разбеснел – и бил претепан до смрт. Нормално е да тетовирате девојка на градите, но не и на грбот или колковите.

Тие со тетоважи на Богородица или бебето Исус значат дека затвореникот е во затвор од млади години. Прангиите или бразлетните се прават само за тие коишто биле затворени повеќе од пет години. Во последните петнаесет години затворениците почнаа да прават нацистички симболи и портрети на Хитлер. Сами можете да си донесете заклучоци“, вели Броников.

tt07

Броников раскажува и за тарифата на тетоважите во советските времиња. Во 1982 година најефтината тетоважа била прстенот, кој чинел околу три рубљи, т.е. околу два денари. Мала слика на рамето, колкот или градите чинела пет до седум рубљи, посложена тетоважа со уметнички елементи се правела по цена од петнаесет до дваесет и пет рубљи. Тетоважа со библиски елементи или историски настани чинела до шеесет рубљи.

На уметникот може да му се плати и со стока или со услуга. Искусните уметници имаат каталози и слики од нивните најдобри дела.

tt08

Тетоважите за жени се различни и тие користат различни симболи, објаснува тој.

„Вообичаено жените затворенички имаат помали тетоважи и нивниот квалитет не е толку добар. Помеѓу жените нема толку добри експерти за тетоважи како кај мажите. Ако некоја жена има поголема и подобра тетоважа, сигурно била направена пред или по издржувањето на затворската казна.

Жените се посебна група. Мнозинството женски тетоважи се посветени на љубовта и верноста. Тоа може да биде цвет на мајчина душичка со името на саканата личност, или срце прободено со стрела, пар гулаби, две раце кои се поздравуваат со текст „Сакан мој, да се сретнеме наскоро“.

Покрај овие, жените во нивните тетоважи ги изразуваат нивните чувства за семејството и желбата наскоро да бидат слободни – тие прават часовници, гулаби писмоносци, жена која лета на птица. Датумите се исто тако чести, во облик на крстови или гробови со текст. Многу почесто кај жените е тетоважите да содржат информации за покајување, со текст. Една жена си имаше направено тетоважа со датумот на нејзиното прво затворање истетовирана на нејзиното непце.

tt09

Во затворите е забрането да се прават тетоважи. И покрај тоа, ги правеа и ги прават. И сето тоа се одвива во тотално нехигиенски услови. Тие таму немаат специјално мастило. Супстанцијата којашто ја употребуваат се прави на следниов начин: ќе согорат парче гума и на тоа ќе додадат урина од човекот за кого што е наменета тетоважата. Ја скицираат тетоважата и ја боцкаат. Тоа е многу болно, но крадецот со авторитет не може да живее без тетоважи.“

Длабокото познавање на Броников го привлекло вниманието на странските експерти.

„Во Лондон живеат околу 350.000 Руси и многумина од нив имаат криминално минато. Се разбира, на странските експерти им е потребно ова за да можат да ги препознаат.“

tt10

Броников ги фотографирал тетоважите само доколку затворениците се согласиле на тоа.

„Никогаш никого не сум присилувал, туку им објаснив дека ми требаат фотографии со нивните тетоважи за научни цели. Според правилата на криминалниот свет, забрането е да се соработува со иследници. Затворениците често не можеа да се решат дали зборувањето со мене како колекционер на тетоважи не е против правилата или не. Кога ќе фотографирав тетоважа, секогаш го прашував затвореникот за нејзиното значење, а потоа ова значење го проверував и во други извори.“

Броников вели: „Мојот личен став кон тетоважите е строго негативен. Тоа е лошо за здравјето, ја оштетува кожата -а во нехигиенски услови, таму кадешто тетоважите вообичаено се прават, може да доведе до сериозни заболувања како сифилис или ХИВ. А и во нашата култура секогаш имало негативен став кон тетоважите. Православната црква е против нив.“

tt11

Броников повеќе од четвртина век предавал криминална наука во советската полициска академија, а помеѓу неговите студенти се осум дипломци кои стасале до чин генерал.

На Црвената Армија ѝ се придружил во 1943 година на возраст од седумнаесет години и тренирал како војник падобранец, по што веднаш бил пратен на фронтот. Тој се нашол во десетте отсто од неговиот ескадрон кои ја преживеале војната. Во 1950 година бил пратен да служи на полуостровот Таимир на Сибир, да гради аеродром.

tt12

„Таму беше потешко отколку за време на војната. Климата беше ужасна. Имаше мраз во бараките во текот на целата година, а зиме температурите достигаа пониско од -65°C“, се присетува тој.

„Сигурно било полесно да се изградат пирамидите отколку да се изгради аеродром на Сибир.“

На ова место за првпат дошол во контакт со затвореници, кои чинеле до деведесет отсто од работната сила – со никакви шанси за бегство. Негиовиот постар син Владимир служел во полицијата. По седумнаесет години служба, тој бил многу лошо претепан и му бил скршен `рбетот. Неговиот помлад син исто така бил претепан на улица обидувајќи се да спаси девојка од силување.

tt13 tt14 tt15 tt16 tt17

Сподели на Facebook
пати видено