„Брат брата не рани, но тешко на оној кој го нема“. Николај и Павел Дуров не би се согласиле сосема со оваа народна поговорка, затоа што тие двајца во комбинација на своите вештини успеале да се „ранат“ и да заработат милијарди со своите бизниси.

Павел е лицето и претприемачот, додека неговиот постар брат Николај е математичкиот гениј и мозокот зад кулисите. Ова е приказна за двајца браќа од Русија кои со својата сложност изградиле не куќа, туку империја.

Николај Дуров отсекогаш бил генијален, тој дури три пати победил на Интернационалната Математичка Олимпијада. Тој исто така еднаш победил и на Интернационалната Информатичка Олимпијада, а три пати освоил сребро на истата. 38-годишниот Николај има два докторати. И покрај импресивното резиме, многу малку се знае за овој математички гениј. Тој бил главен програмер за креирање на социјалната руска мрежа ВКонтакте, заедно со неговиот брат Павел, а подоцна браќата ја креирале и програмата за инстант пораки Телеграм.

Но, за разлика од Николај, Павел не е воопшто срамежлив и сите го споредуваат со Марк Закерберг. 34-годишниот Павел е претприемач, кој е најдобро познат по тоа што е основач на социјалната межа ВКонтакте, која ја креирал со помош на Николај, а подоцна и Telegram Messenger. Павел моментално „тежи“ 2,7 милијарди долари.

Сепак браќата немале толку среќа кога станува збор за политиката. Затоа што премногу се „бунеле“ и ставале секаква содржина на социјалната мрежа за време на изборите во 2011 година во Думата. Во 2012 година, Дуров јавно објави слика од себе како покажува среден прст како официјален одговор на Иван Таврин, сопственик на главната руска интернет компанија Mail.ru, за понудата да го купи ВКонтакте.

Откако бил отпуштен како главен извршен директор на ВК во 2014 година, браќата Дуров го пропатувале светот во самонаметнато прогонство. Тие не можеле да се спротивстават на политиката на Владимир Путин и социјалната мрежа ВКонтакте била целосно преземена од Mail.ru.

Браќата станале граѓани на Свети Китс и Невис. Во 2017 година Павел се приклучил на Светскиот економски форум (СЕФ) Млади глобални лидери како претставник на Финска.

Тие го добиле државјанството преку донирање на 250.000 американски долари за фондацијата за диверзификација на шеќерната индустрија во земјата и обезбедиле 300 милиони долари во готово во рамките на швајцарските банки. Ова им овозможило да се фокусираат на создавање на својата следна компанија, Telegram, која првично била со седиште во Берлин и се фокусирала на шифрирана услуга за пораки, а моментално седиштето на компанијата е во Дубаи.

Николај Дуров го создал протоколот MTProto кој е основа за месинџерот, додека пак Павел обезбедил финансиска поддршка и инфраструктура. Пораките и кои се испраќаат преку Телеграм во било која форма се шифрираат кога се складираат на своите сервери, а комуникацијата со клиент-сервер исто така е шифрирана. Услугата обезбедува енкрипција од крај до крај за гласовни повици, и опционални шифрирани “тајни” разговори помеѓу два онлајн корисници, но не и за групи или канали. Целта на браќата им е да креираат слободна комуникација меѓу луѓето без некој постојано да ги набљудува.

Телеграм сепак се соочи со цензура или целосни забрани во некои земји поради обвинувањата дека услугите на апликацијата се користат за олеснување на нелегалните активности, како што се протестите и тероризмот.

Ова е еден пример за тоа како двајца сосема различни браќа можат совршено да се надополнуваат и да си ги остварат своите соништа.

Сподели на Facebook
пати видено