Во минатиот, дваесетти век, човештвото доживеа две светски војни. Светските војни се разликуваат од обичните војни, бидејќи во нив учествуваат голем број на земји, па целиот судир прима глобални рамери. До сега имавме само две светски војни, кои довеле до милионски човечки жртви и големи разорувања. Тие војни го променија целиот свет.
Имајќи ја предвид човечката потреба за освојување, се поставува прашањето дали и кога ќе се случи и Третата светска војна.
Некои сметаат дека тоа неминовно следува како последица на вродената човечка потреба за освојување. Светот веќе неколку пати бил на работ на избувнување на нова глобална војна, но некои не се согласуваат и сметаат дека денес земјите се премногу економски поврзани помеѓу себе, и не би се осмелиле да ризикуваат војна. Постојат и мислењата на тие коишто сметаат дека таа војна веќе на големо е во ек, но дека ние за тоа не сме свесни. Тоа што е сигурно е, ако таа војна некогаш избие, а да се надеваме дека нема, таа нема да изгледа како претходните војни кои се војувале со војници во ровови или со авиони. Сето тоа е застарено. Технологијата денес е доста напредната, па последиците по човештвото би биле многу посериозни. Самиот Алберт Ајнштајн рекол: „Не знам со какво оружје ќе се води Третата светска војна, но знам дека Четвртата светска војна ќе се води со стапови и камења.“
Денес за вас собравме некои хипотетички сценарија за тоа како би можела да изгледа Третата светска војна.
1. Нуклеарен холокауст
Најчестото сценарио коешто се спомнува е употребата на нуклеарно оружје. Тоа веќе е употребена во Втората светска војна со фрлањето на атомски бомби врз Јапонија и последиците биле катастрофални по населението таму. Тогаш нуклеарната технологија сѐ уште била во зародиш. Се смета дека денес тоа би било многу посмртоносно. Денес девет земји поседуваат нуклеарно оружје, од кои најмногу Русија и САД.
Меѓусебнните напади со вакво оружје би имала незамисливи последици, и тоа од долгорочна природа. Државите на кои би биле фрлени атомските бомби би биле срамнети со земја и уништени со целата инфраструктура и население. Целиот свет би почувствувал последиците, бидејќи климата крајно би се пореметила. Истовременото детонирање на голем број бомби би довело до испуштање на огромни количества чад во стратосферата, што би довело до т.н. нуклеарна зима. Во таква ситуација би било исклучително тешко да се прехрани населението. Се проценува дека заканата од нуклеарен напад денес е ниска, па затоа не би требало да постои загриженост.
2. Борба на роботи и машини
Со развојот на технологијата, машините и роботитие преземаат сѐ поголем дел од работите кои ги извршуваат луѓе. Така машините би можеле и да војуваат наместо луѓето. Сигурно веќе сте слушнале за далечински насочуваните ракети, какви што на пример беа употребени при бомбардирањата на Србија во 1999 година, од страна на НАТО. На Блискиот Исток веќе стана секојдневие на целите да се праќаат беспилотни летала, т.н. дронови. Опасноста од ваквите појави е во тоа што убивањето станува полесно, бидејќи е доволно само да се притисне копче и да се испоубијат стотици луѓе. Од ваквото оружје најчесто страдаат цивилите кои ќе се најдат во околината. Проценето е дека околу 20 отсто од жртвите на беспилотните летала во војната во Авганистан биле цивили.
Во некоја хипотетичка иднина, научниците замислуваат на борба на машини против машини. Луѓето тука би имале споредна улога, тие би раководеле со битките од голема оддалеченост, но не би имало директен допир помеѓу војските. Се би личело на видео игри, при што единствениот проблем би претставувале цивилите на теренот и загадувањето на животната средина.
3. Невидливо оружје
Под невидливо оружје се подразбира оружјето коешто не може да се види со голо око, или коешто не се забележува. На пример, тоа би можеле да бидат роботи помали од мушички и кои се одлични за прислушкување, а можеби и за уште поопасни активности. До сега не е забележана употреба на вакво оружје, но некои стручњаци предупредуваат на таа можност.
4. Економска војна
Главната цел на војните често е контролата над нечии ресурси и богатства. Но, таа контрола не секогаш мора да се воспоставува на сила и со влегување на војска. Постојат и други економски механизми со кои може да се направи една земја да биде под власт на друга земја. Некои научници сметаат дека веќе се наоѓаме во состојба на економски колонијализам, при што богатите земји слободно располагаат со ресурсите (природни и човечки) на сиромашните земји.
5. Културна и верска војна
Семјуел Хантигтон во својата книга „Судир на цивилизациите“ застапува став дека сите судири во иднината ќе имаат религиски и културен карактер. Причината за тоа лежи во фактот дека денешните цивилизации се повеќе се приближуваат една на друга, како резултат на глобализацијата, но истовремено тие се различни на религиски и културен план, па еден ден мора да дојде до судир.
6. Сајбер војни
Информационите технологии значително напреднаа од минатата светска војна. Пред педесет години не ни постоеле компјутери. Затоа мора да се очекува во секој следен судир да има електронска компонента. Денес сите употребуваат мобилни телефони, компјутери и интернет за комуникација, пренос на податоци и работа, а тоа се лесни цели. Некои од активностите кои се дел од сајбер војувањето претставуваат: напредно прислушкување на нечии интернет врски или телефонски разговои (што веќе се прави), хакирање на компјутерските системи на големите фабрики и погони, хакирање на банкови сметки, упад во приватните преписки на владините службеници, саботажа на сателити, уфрлување на вируси во нечии сервери и многу други нешта.
Во Америка во 2010 година е донесен закон со кој на американскиот претседател му се дава право во услови на криза и вонредна ситуација да го исклучи интернетот, со што би се забранила работата на сите американски технолошки фирми, а поголемиот дел од серверите, домејните и фирми на интернет денес се наоѓаат во Америка, па така тоа би се одразило и на целиот свет. Законот е доста критикуван, но и понатаму е на сила.