Лука Перковиќ е скромен тинејџер кој поголемиот дел од своето време го минува пред компјутерот, играјќи видео игри. Поточно, играта League of Legend (LoL) која сега во светот ја играат месечно повеќе од 100 милиони луѓе и која во моментот се смета за една од најпопуларните игри на светот. Според изгледот и однесувањето, Лука е нормален 18-годишник, но во виртуелниот свет на LoL тој е огромна ѕвезда. Имено, Лука е единствениот кој во Хрватска, а можеби и пошироко во соседството, професионално игра видео игри, а за својата „работа“ добива повеќе од 100 000 долари годишно.

lk

Не сум нормален

„Може да се каже дека не сум нормален тинејџер“, вели Лука. Во последните години тој живее во Берлин. Води скромен живот, што се гледа и од фактот дека ретко кој знае за него иако заработува повеќе од повеќето професионални спортисти во Хрватска. За себе вели дека и не е некој голем љубител на видео игрите, а неговиот пат до професионален играч на видео игри почнал сосема случајно.

„Пријателите пред пет години ми предложија заедно да играме LoL. Пред тоа игравме Call of Duty и на почетокот не сакав да почнуаме нова игра, но успеаја да ме наговарат и така се запознав со играта“, вели Лука, кого повеќето го познаваат под прекарот Перкз, како што се претставува самиот додека со својот херој се бори против останатите играчи во виртуелната арена на видео играта. Играта му се допаднала, а поради сплет на несреќни околности во тоа време морал да оди и на операција на тетивата, па така поголемиот дел од своето време морал да го минува дома, каде што времето го минувал играјќи. Поради операцијата престанал да се бори со борење, спорт со кој претходно активно се занимавал, па така сѐ повеќе од слободното време го минувал во виртуелниот свет.

Игра за пари

„Знаев да играм и по осум часа на ден. Тогаш навистина уживав во играта“, се присетува Лука. Како со тек на времето станувал сѐ подобар, решил своето знаење да му се исплати. Се пријавил на неколку аматерски турнири за да заработи за џепарлак, но неговите вештини ги забележале професионални тимови со кои се натпреварувал во пониските лиги. Минатата година, со неполни седумнаесет години, го потпишал првиот професионален договор во LCS (Првенстовото на League of Legends) и станал првиот Хрват во Esports. Во тимот тој е заедно со еден Шпанец, Данец, Полјак и Јужнокореец, а заедно освоиле две европски првенства. На службената страница на Еспортс стои дека од наградите заработил повеќе од 30 000 долари, но тој насмевнувајќи се признава дека годишно заработува многу повеќе. Поради договорот не смее да ја открие точната цифра, но на прашањето на новинарот дали тоа е повеќе од 100 000 долари годишно, тој одговорил потврдно. Сепак, тие пари тој не ги троши, а неговата скромност се забележува и според изборот на облеката, која не е брендирана.

„Поголемиот дел од парите ги штедам, бидејќи во Берлин ни е обезбедена храната, како и сместувањето. Нешто од парите им праќам на моите родители и на така им помагам“, вели Лука, кој вели дека сака да излегува со своите другари и дека во моментот нема девојка. Со тимот вежбаат четири дена во неделата по шест часа дневно. Тренингот се состои во неофицијални партии со други тимови. Два дена во седмицата играат официјални партии кои се бодираат, а еден ден во неделата им е слободен. Со оглед на тоа што поголемиот дел од своето време го минува пред компјутер, се обидува да живее што е можно поздрав живот, оди во теретана, како и на пливање. Тој и со договорот е обврзан да се храни здраво, па така само еднаш во неделата пие сок, а останатите денови пие само вода. Поради постојаното играње ја изгубил онаа страст која кон играта ја имал на почетокот, но кога игра во полната сала, тоа чувство знае да му се врати.

„На последното првенство во Краков во финалето игравме пред 6000 луѓе. На секоја подобра акција целата арена одзвонуваше, што навистина те крева“, вели Лука. Играта ја опишува употребувајќи англиски сленгови како „кил“, а својата во тимот ја наведува како „мид“, но својата улога во тимот не знае да ја опише со нормален речник, како ни самата игра.

„Прекомплицирано е тоа. Тешко е да се објасни некому кој не игра“, објаснува кратко. Најлесно е играта да се објасни како игра за повеќе играчи кои на интернет се борат со своите херои во една арена, а целта е да се освои противничката база. Лука го игра средниот играч, а на својата позиција е еден од најдобрите во Европа. За својот успех нема некоја посебна формула, само вели дека игра и дека е добар во тоа.

Го пропатувал светот

Своите вештини ги покажал во голем број земји, од САД до Јужна Кореја, во која живеел месец дена, додека со тимот бил на подготовки за светското првенство. Во Загреб доаѓа само да ги положи испитите, бидејќи поради својата ситуација не посетува редовна настава, туку дописна и потоа ги полага сите испити наеднаш. Сепак, му недостасува семејството.

„Додека бев помлад, сакав да одам каде било, само не дома. Сега најмногу би сакал да е обратно. Се чини дека е вистина кога велат дека дома си е дома“, вели тој низ насмевка. Понекогаш му недостасува и нормалниот живот на еден тинејџер, но кога ќе се сети што сѐ би пропуштил да не почнал да ја игра играта, сфаќа дека тогаш без таа одлука би жалел цел живот. Сепак, постојаното играње си зело и свој данок.

„Играта веќе ми стана малку досадна и веќе не уживам толку во неа. Сега ми стана работа и така и ја третирам“, вели Лука, додавајќи дека својата иднина не ја гледа во некоја друга игра, бидејќи смета дека во ниедна друга не може да биде толку добар. Вели дека професионалната кариера на еден играч трае две до три години, а сака еден ден да се најде како дел од тимот во Riot, студиото кое ја направи играта, или како тренер, но вели дека со сигурност не планира да остане во индустријата.

Сподели на Facebook
пати видено