„Би можело да се каже дека бев луд. Овде само што беше завршила војната, а во Германија ме чекаше целото семејство и добра работа. Но, јас едноставно не можев да се вратам. Горе луѓето само работат. А кога ќе дојдат дома никаде не излегуваат, не се дружат, не се веселат – како некои роботи се! Ги нема никаде, живеат затворени. Овде и сонцето е потопло. Никогаш не зажалив што се вратив овде“, раскажува Ивица Бабиќ, „далматинскиот крал на базените“.
И покрај тоа што Ивица се родил во Германија, спомените на дел од детството кај неговите баба и дедо во Загора го определиле неговиот животен пат. По отслужениот воен рок, тој го напуштил родителскиот дом и сигурната работа во Германија и како дваесетгодишен сосема сам зачекорил во непознатото. Признава дека на почетокот не му било лесно, но топлината со која го прифатиле неговите некогашни соседи во Хрватска ја надвладеала несигурноста.
„Баба ми и дедо ми тогаш веќе беа покојни, така што кога дојдов овде немав никој свој. Бев сам во нивната куќа од двеста квадрати“, раскажува тој. „Не би можел да кажам дека не беше пуста. Но соседите ме примија со раширени раци па така малку по малку стекнав пријатели, а понатаму сѐ одеше полесно. Во тоа време работев сѐ и сешто, нема каде да не сум се пробал; од работа на крајбрежјето до сопствена автоперална…Но, кога се вработив по струка, во една фирма која се занимаваше со изградба на базени, сѐ си дојде на свое место.“
Во претприемничките води првпат влеголво 2004 година, кога се здружил со партнер од истата фирма, со кој по шест години успешна работа се разделиле поради различните визии за понатамошниот развој. Таа негова одлука, како што споделува, се покажала како умна, бидејќи во меѓувреме неговото претпријатие се претворило во најуспешниот опремувач на базени во регионот.
„Тргнавме на време, во тоа е работата. Тогаш сето тоа сѐ уште беше скапо, па одеше бавно и несигурно. Беше навистина тешко. Се сеќавам кога го добивме нашиот прв базен. Тоа беше како да сме добиле на лотарија, не можевме да веруваме. А кога се разделивме ми беше уште потешко. Морав да се докажувам од почеток.“
Од осамостојувањето тој уредил повеќе од 400 базени, а најголемиот, се разбира, си го нарпавил крај својата семејна куќа која во меѓувреме целосно ја реновирал.
„Се женев три пати…Горд татко сум на пет деца кои цело лето скокаат и се капат во базенот. Секој викенд се кај мене и скоро цело лето. Се капеа од утро до мрак, сто пати имавме и ноќни капења. Наутро едвај чекаа да се разбудат за да можат да одат на базен. Базенот вредеше секоја куна…“
На прашањето за тоа како реагирале неговите родители кога решил да се врати сам во Хрватска, тој раскажува:
„Се сеќавам, кога бев при крајот на отслужувањето на воениот рок, ми се јави татко ми и ми кажа дека ме барале од `Кисел`, голема фирма во која ја одработив праксата во текот на моето образование, за да прашаат кога се враќам бидејќи ме чека сигурна работа. А јас му кажав – Јас таму не ти се враќам.
Му беше чудно, но јас му кажав дека јас знам најдобро и тој ме поддржа во тоа. Но, кога тргнав со сопствена фирма, ми кажаа: `Сине, секогаш ќе бидеме тука за тебе и ако ти треба нешто за децата можеш да сметаш на нас, но работата нема да ти ја спасуваме, тоа си е твоја работа.` И јас тоа го разбирам и почитувам. Застанаа крај мене кога решив да се вратам во Хрватска, и покрај тоа што не разбираа зошто го бирам потешкиот пат, и тоа ми е најважно. Но оваа работа е само моја и мило ми е што е така. Сега и тие се овде. Се вратија штом ја заработија пензијата и живееме во иста куќа. Сега велат: `Сине, само нека има работа и здравје`“.
„Јас доволно собрав моите деца да не мораат да одат да заработуваат во странство. Ако даде Бог, само да има здравје, јас ќе им оставам нешто. Ако јас по сѐ решив да останам овде…Па и да не ми тргнеше вака добро, јас не би се враќал горе, би нашол некое решение. Тоа не е живот. Мене ме дотолчуваше депресијата. Горе си нон-стоп в куќи. Нашите излегуваа само во сабота…
И така, да бидам искрен, кога сега ќе слушнам овој заминал во странство, оној заминал, само ќе си кажам во себе: јадна ти мајка каде ти си заминал! Тоа не е решение. Многумина одат бидејќи ќе слушнат нешто од некого, но според мене тоа е грешка. Мислам дека овде состојбата почна да се нормализира и државата би морала и нешто конкретно да стори по однос на иселувањето.
Според него, главна вина за иселувањето на младите во Хрватска е недостатокот на култура меѓу самите работодавачи кои мислат само на својот џеб, па така вработените ги држат на мали плати и не го почитуваат нивниот придонес. Како единствена позитивна работа која ја собрал од Германците ја истакнува токму работната култура и работните навики и токму на нив може да им заблагодари за својот деловен успех.
„Мое лично мислење е дека кога хрватските сопственици на претпријатија повеќе би ги ценеле своите колеги, ситуацијата би била поинаква. Го знам тоа по себе. Ако не си чесно прифатен и мотивиран, не придонесуваш толку колку што би можел. Искуството ми покажа дека луѓето реагираат така како што ќе се поставиш кон нив. Биди коректен ти, ќе бидат коректни и другите. Па нема Германците секогаш да бидат поумни од нас“, оптимистично тврди Бабиќ.