Матурантка од Алабама не била во можност физички да присуствува на свечената церемонија за матурирање во нејзиното училиште, затоа што била во болница. Но, Синтија Петвеј, сепак се „качила“ на бината и ја добила својата диплома со помош од робот и iPad.
Луѓето за време на церемонијата аплаудирале на робот со наметка и капа на кој имало прикачено iPad преку кој зборувала Синтија во живо од болницата.
Со неа во болницата биле околу 40 членови на семејството кои ја охрабрувале и поддржувале.
Синтија вели дека има доживотна болест поради која понекогаш мора да остане во болницата. „Кога првпат ја добив веста дека нема да можам да ја напуштам болницата за да присуствувам на матурирањето од средното училиште, бев толку тажна. Не сакав да ја пропуштам таа пресвртница во животот. Работев толку напорно во ноќните часови само за да завршам, за да можам да матурирам.“, вели Синтија.
Таа првин не сакала да го спроведе планот, но нејзината баба ја разубедила и резултатот ги надминал нејзините очекувања.





