Истражувањата покажуваат дека на 65 години повеќето од луѓето веќе имаат поминато цели 9 години пред телевизорот. Просечен човек „зјапа“ во ТВ екранот 2-4 часа на ден. Дали тоа е многу или малку се споредува со останатите дневни активности, истиот тој просечен човек за дружење со децата троши околу 15 минути дневно.

За милиони луѓе на планетата телевизорот стана главен извор на информации и забава, своевидно божество, пред кое треба да се молиме секојдневно. И кај нас секоја вечер околу 2 милиони луѓе се собираат околу телевизорите да ги гледаат, омилените филмови, серии, емисии и ТВ канали. Телевизијата стана главен ментор кој објаснува што е добро а што лошо, што е значајно а на што не треба воопшто да се обрнува внимание.

Малкумина сфаќаат дека разликата помеѓу телевизиската реалност и вистинскиот живот е како одовде до Месечината. Бидејќи поголем манипулатор од телевизијата нема. Таа располага со огромен арсенал на средства за хипнотизирање на гледачот монтажа, бучава, музика, светла, слики и слично.

Во книгата „Надмудрени од случајноста“ познатиот либански и американски економист и автор, консултант на ММФ, Насим Талеб, тврди дека новинарството се претвори во сериозна закана на нашето време. Причината за тоа, според него, е дека додека светот станува се посложен, новинарите прилагодуваат умовите на луѓето да ја поедноставуваат нивната реалност.

Талеб, бил во право. Истражување во САД покажува дека телевизиското новинарство придонесува за интелектуална деградација на милиони луѓе. Во 1985 година американски истражувачи почнуваат експеримент кој трае 25 години. Американци на возраст од 18 до 30 години со различно потекло биле набљудувани на две и пет години. Учесниците во експериментот биле истражени преку когнитивни тестови, со кои што се одредувала брзината на реакциите, нивото на вербалната меморија, општото ниво на интелектуалните способности. Заклучокот бил колку повеќе гледачите седеле пред телевизорот, толку повеќе нивните ментални способности биле деградирани. Докажано е дека гледањето на телевизија е способно да го доведе мозокот до многу рано стареење.

Писателот Марк Твен пред повеќе од еден век напишал: „ Проблемот е што будалите, кои претставуваат огромно и уништувачко мнозинство во нашата и во секоја друга нација, вистински веруваат во она што го читаат во весниците.“ Најверојатно да живеел во оваа време би го кажал истото, но сега за телевизијата.

Секоја информација треба да се доведува во прашање, неслучајно еден од најважните белези за интелигенција е критичко размислување. Ако немаме неколку алтернативни извори ќе имаме лажна претстава за реалноста. Тоа е најдобро опишано во стариот виц за двајцата Евреи. Тие седеле на клупа во Берлин, едниот читал фашистички весник, а другиот еврејски весник. Вториот го погледнувал од време на време, потоа не издржал и му кажал:
– Арон, како не ти е срам да го читаш овој нацистички партал!
А тој се насмевнал итро и му одговорил:
– Го читам за да си го подобрам расположението. ако го читам еврејскиот ќе видам дека во Германија има нацизам, во Полска антисемитизам, Америка нема да прима Евреи, а Британците ја блокираат Палестина. Само ужасни вести! А во нацистичкиот весник читам дека Евреите владеат со светот, ја обликуваат политиката, ја контролираат Америка, ги држат светските пари … И така убаво ми станува.

Се разбира дека никој не може да биде манипулиран доколку тој самиот не си го дозволи тоа, затоа гледајте помалку телевизија и уживајте во реалноста колку што можете. Постои една мудра мисла од античко време: „Сите војни почнуваат во умовите на луѓето.“ Затоа дали ќе бидете личност со програмирано однесување, зависи од Вас самите.

Сподели на Facebook
пати видено