Човек кој минувал по час и половина дневно прикривајќи ја својата ќелавост која уследила по ужасна несреќа во детството, најпосле пак има „коса“ – откако си ја истетовирал главата. 44-годишниот Симон Лејн претрпел изгореници од трет степен на главата, по што ја загубил косата на еден дел од неа, откако како двегодишен повлекол сад со зовриена вода од печката врз него.
Лејн, кој е татко на две деца, со години носел перика пред да се обиде со трансплантација на коса, којашто не успеала поради што станал исфрустриран и не сакал да плива или да излегува на дожд. Но, тој вели дека микропигментацијата на која се подложил – која се состоела од 40.000 точки кои имитираат влакна – му ја вратила самодовербата назад.
„Не се сеќавам на ништо од несреќата, само тоа што ми го раскажаа родителите“, вели тој. „Во последните 38 години не кажав на никого за тоа. Секогаш го имав тоа чувство дека треба да внимавам на училиште и дека сум на еден чекор да ми се случи нешто. Еднаш едно шестгодишно дете ми ја зграби периката и избега и само се сеќавам на тоа како децата посочуваа кон мене, смеејќи се и зјапајќи во мене, а јас се обидував да го скријам ќелавото место со рацете. Друг пат во основно училиште имавме задача да го опишеме соученикот кој седи до нас, и јас морав да се преправам дека сум болен за да излезам од час, од страв дека соученикот до мене ќе ми ја спомне периката. Никогаш не зборував за тоа што ми се случи и кога некој ќе спомнеше коса или перика, ќе си заминев или ќе се обидев да ја сменам темата на разговор.
Тоа почна повеќе да ми се одразува од 11 или 12-годишна возраст кога влегов во пубертет. Си мислев дека ниедна девојка нема да сака да излезе со мене. Постојано стравував да не ме исмејуваат и не давав никој да ме допре по косата. Бев параноичен и постојано се плашев дека некој ќе ми ја симне периката.“
До 22-годишна возрас Лејн носел перики, но тогаш се решил да се обиде со трансплантација на косата. Се подложил на намалување на скалпот, при што неговата кожа била пресечена, свиткана и повлечена наназад, за да се намали големината на лузната. На почетокот тоа било добро, но потоа кожата пак се вратила назад на своето место и лузната станала за три четвртини поголема од порано. Потоа во текот на 18 месеци се подложувал на трансплантација на коса, но резултатите биле слаби.
Се обидувал ретката коса да ја подзатскрие со спреј, но тогаш почнал и природно да ја губи косата. Покрај тоа, тој морал многу да внимава на својата коса. „Кога првпат зачекорив без перика на главата, беше супер, но набргу сфатив дека една работа сум заменил со друга. Требаше толку многу да внимавам, и станав роб на својата коса. Не смеев да излезам на дождот, не можев да пливам, не можев да удирам топка со глава кога играв фудбал. И пак станав параноичен. Знаев дека има луѓе на кои им е многу полошо, но ми се плачеше одвнатре. Ако косата не ми изгледаше како што треба, не ни излегував надвор. Си мислев дека сите ќе зјапаат во мене и ќе ми се смејат. Ако требаше да излезам во седум наутро, ќе станев уште во три.“
И на крајот се решил на едно малку поинакво трајно решение, да си истетовира коса. Па дури отворил и своја клиника кадешто нуди „процедура која го менува животот“. „Сакам да им помагам на луѓето во иста ситуација како мојата, бидејќи ова навистина има моќ да го промени животот.“







