Факт е дека денес напредува технологијата, но напредува и депресијата. Во светот се проценува дека околу 300 милиони страдаат од депресија, а СЗО проценува дека близу 1 милион луѓе годишно умираат посегнувајќи по својот живот. Сведоци сме на бројни вакви случаеви, а особено уште потрагично е кога многу млади донесуваат ваква фатална одлука, како што е еден од, (за жал многуте), примери кај нас, како случајот со 14-годишното момче од Кучичино, Кочанско, кое си го одзеде својот живот со бесење, наводно играјќи ја играта “Син Кит” и следејќи ги тамошните инструкции за самоубиство.

Многу малку внимание се обраќа на менталното здравје, но покрај негрижата,пострашно е непрепознавањето на симптомите, па често многу животи би можеле да бидат спасени навреме само кога спротивната страна би реагирала и би помогнала брзо и ефективно.

Ваков е случајот со Гејб Ронгиер, 12-годишно момче од Питсбург чија брза акција денес многумина ја нарекоа ‘херојска’. Ронгиер доаѓа од Фокс Чепел, мала околија во Пенсилванија, а за време на неговата вообичаена активност на социјалните мрежи го забележал вознемирувачкиот Снепчет на една девојка од Тексас на кој велела дека “утре ќе ја нема”.

Гејб иако лично не ја познавал, а ги делел само еден заеднички контакт, рекол дека не знаел дали станува збор за невкусна шегаили не, па и покрај тоа, брзо реагирал и се јавил на хотлајн за превенција на самоубиства, по што веднаш бил поврзан со Полицискиот оддел Гранд Салин во Источен Тексас.

Полицијата рекла дека интервенирала токму на време да го спаси животот на девојката, успешно лоцирајќи ја, користејќи уред за географско следење.

“Отишле до нејзината куќа и ја провериле. Наредниот ден ми се јавија и ми рекоа дека таа е добра и дека сето ова било вистинско.”, изјавил Ронгиер за Си Би Ес Питсбург.

Ронгиер кој во иднина би сакал да стане офицер, за своето херојство доби значка од Полицискиот оддел Гранд Салин и специјална монета која традиционално се доделува за успешното спроведување на законот.

“Ми олесна што е сè во ред! Чувствувам дека направив нешто добро”- изјавил Ронгиер, малиот херој што спаси непозната девојка 1000 милји далеку од него, а и за неговите горди родители тој е нивниот херој.

Ова нека ни послужи за пример дека посегнувањето по животот не е играчка и мора да се води грижа за менталното здравје, особено кај помладите, кои денес прибежите бараат во социјалните мрежи, нешто на кое родителите мора да обрнат многу внимание, бидејќи младите денес имаат тенденција таму попрво да споделат сè, па така и нивните најдлабоки чувства и мисли.

Сподели на Facebook
пати видено