Во канцеларијата на Електростопанство на Херцег Босна во Прозор, Босна и Херцеговина, веќе навикнаа дека кон крајот на ноември, воочи празниците, на нивните шалтери ќе се појави едно непознато лице. Ќе ги побара неплатните сметки кои гласат на имињата на посиромашните жители на ова гратче во Босна и Херцеговина, уредно ќе ги плати и ќе си замине со насмевка и поздрав: „Ако даде Бог, ќе се видиме и до година!“
Но, тоа не го прави во свое, туку во име и на сметка на друг, очигледно подобро ситуиран граѓанин на Прозор. Сите би сакале да му го дознаат името и презимето, Прозорчани веќе со години се обидуваат да реконструираат за кого се работи, но сето тоа на крајот се сведува на пусти нагаѓања.
„Верувајте ми“, вели Јосип Јуричиќ, десна рака на градоначалникот д-р Јозе Иванчевиќ, „дека ни јас не знам за кого се работи. Тоа трае веќе со години и единствено што можам да кажам дека му симнувам капа до под, па кој и да е.“
Хуманиот гест не изостанал ниту годинава. Минатата седмица споменатиот посредник ги платил сметките за струја на 16-те најзагрозени семејства во подрачјето на Рама. Ако некој би требало да знае кој е тој добар човек, тоа се шалтерските службенички во Електростопанство, но нема шанси некој од нив или од нивните претпоставени да извлече ниту збор.
„Единствено можам да ви кажам дека се работи за наш човек кој веќе со години живее во странство и дека по која било цена не сака да му спомнува името. Повеќе не би сакал да зборувам на таа тема, бидејќи се плашиме дека интересот на медиумите би можел да го одврати од тоа и догодина да ги развесели сиромашните“, велат од Електростопанство.