Ако тешко ви паѓа есенската настинка, замислете си како би изгледало самите да си го оперирате слепото црево за да си го спасите животот. Токму ова се случило за време на една експедиција на Антарктикот кога рускиот хирург Леонид Рогозов сфатил дека ќе мора самиот да ја заврши работата, бидејќи помош можел да добие по цели неколку месеци.
Симптомите на болеста започнале како едноставно чувство на слабост, па така 27-годишниот Рогозов, кој бил полн со ентузијазам, не обрнувал многу внимание на тоа. Но, како што минувало времето, Рогозов чувствувал сѐ посилна полка на десната страна во неговиот долен абдомен. Со оглед на тоа што бил хирург, нему не му било тешко да препознае дека се работи за воспалено слепо црево. За него како хирург ова било рутинска процедура која ја извел врз безброј пациенти додека се наоѓал во цивилизацијата. Но, овојпат околностите биле сосема поинакви, бидејќи пациентот бил самиот тој и згора на сѐ, се наоѓал среде пустелија.
Леонид Рогозов бил дел од 12-члена експедиција на Антарктикот, која била шеста по ред во рамките на операцијата за изградба на руска база Ширмахеровата Оаза. Во февруари 1961 г., базата наречена Новолазаревскаја Станција била во завршна фаза на изградба, но групата морала да седи додека да помине студениот период за да можат да тргнат назад дома. Состојбата на Рогозов се влошувала секој ден и не можел да чека да помине зимата за да пристигне помош. За да стигнат до базата, на тимот му требале 36 дена, а бродот бил планиран за враќање во базата дури по една година. Најбрзиот начин да се врати назад било по воздушен пат, но поради обилниот снег и вејавиците, тоа не доаѓало предвид. Ситуацијата на Рогозов станувала критична.
Кон крајот на април, тој повеќе не можел да ја издржува болката и морал да направи тежок избор: или да умре или самиот да се оперира. Но, и за тоа му требало дозвола од неговиот командир, кој пак морал да добие одобрение од Москва. Во екот на Студената војна, смртта на новоизградена руска база на Антарктикот би можела да резултира во голем негативен публицитет за Москва. Откако ја добил потврдата, Рогозов решил да се оперира и направил исцрпен план кој го запишал во својот личен дневник.
Откако на своите помошници им дал задолженија, почнал да собира храброст за неверојатниот подвиг кој му претстоел. Бил многу внимателен и темелен во неговата подготовка и крајно систематичен во поглед на инструкциите кои им ги давал на асистентите. На еден од колегите му кажал да му ги подава инструментите, а на друг му кажал да држи огледало во близина на стомакот, за да може да ја гледа процедурата. Трет стоел со инекција адреналин во случај Рогозов да се онесвести за време на операцијата.
Според Рогозов, кога примил локална анестезија, неговата свест веднаш минала во режим на работа на хирург и сета негова нервна напнатост едноставно исчезнала. Но, се јавил еден проблем; поради обратниот одраз на огледалото се јавиле многу забуни додека го барал слепото црево. По отстранувањето, тој во својот дневник запишал дека ако задоцнел само уште неколку часа со операцијата, тоа ќе резултирало со болна и брза смрт за него.