Мистериозниот купувач, за кој само се знае дека е Аргентинец, минатиот викенд за 600.000 евра купил облека и лични предмети на познати нацисти за време на контроверзна аукциска продажба во Минхен, меѓу кои и јакна на Адолф Хитлер, водачот на нацистите. За јакната тој дал 275.000 евра, 3000 евра за делумно распадната поткошула на Херман Геринг, а за чорапи кои му припаѓале на Хитлер дал цели 18.000 евра.

Купувачите на аукцијата биле млади парови, постари луѓе, како и мажи со бричени глави и тетоважи. Купувачот само навел кажал дека купените реквизити ќе бидат музејски експонати, не наведувајќи други детали. Централниот совет на Евреите во Германија минатата седмица изразил огорченост поради најавената аукциска продажба, оценувајќи ја како „скандалозна и гнасна“.
Продадената облека дотогаш била во сопственост на Џон Латимер, некогашен лекар на американската војска, кој бил задолжен за здравствена нега за обвинетите нацисти за време на Нирнбершките процеси. Аукциската куќа „Херман Хисторика“, која своите каталози ги дели само на купувачите, забранила пристап на новинарите за време на продажбата, наведувајќи дека не сака да го „нарушва социјалниот мир и да ги повреди чувствата“, истакнувајќи дека се сосема свесни за историјата на Германија од 1933 до 1945 година.

