Неколкуте примероци текст на етрурски јазик кои опстојале до денес повеќе зборуваат за мртвите отколку за секојдневниот живот на живите, бидејќи најчесто станува збор за пофални слова во гробниците на елитата. Најдолгиот познат текст – и еден од ретките ленени материјали кои останале до денес – е календар кој бил пренаменет како завој на мумија. Така, неодамнешното откритие на 1,2 метри високата и 226 килограми тешката варовничка стела најдена во Поџо Кола, северно од Фиренца, со своите 70 читливи букви и интерпункциски знаци е од огромно значење за проучување на древната цивилизација.
Јужниот методистички универзитет, главниот спонзор на археолошкиот проект Муџело, во рамките на кој бил откопан каменот кој бил дел од темел на храм, го објави откритието оваа недела. Жан Мекинтош Турфа од Музејот на Пенсилванискиот универзитет, научник кој ги изучува етрурскиот јазик и цивилизација, изјави дека „натписите со повеќе од неколку зборови врз траен материјал се ретки кај Етрурците, коишто најчесто употребувале пропадлив материјал како ткаенини и восочни плочки.“
Во текот на следните месеци истражувачи од Универзитетот на Фиренца ќе го проучуваат и конзервираат овој камен од 6 в. пр.н.е. употребувајќи ласерско скенирање и фотограметрија, со цел да се здобијат со подобар приказ на напишаното. Со оглед дека натписот бил најден во храм, искористен за темелите уште пред 2500 години, има веројатност текстот на некој начин да е поврзан со религијата и би можел да ги пополни празнините во историските знаења за етрурските обреди.
Тереза Хантсмен од Вашингтонскиот универзитет пишува дека „нема познат јазик – родител на етрурскиот јазик, а не се познати ни негови наследници, бидејќи латинскиот постепено целосно го заменил него, како и други италски јазии, како што Римјаните постепено ја преземале контролата врз Италијанскиот полуостров.“ Со други зборови, дешифрирањето на етрурскиот јазик сѐ уште би можело да биде тешко, бидејќи сѐ уште не е најдена литература или подолг пишан текст, и иако дели некои заеднички особености со грчкото писмо, сепак се работи за посебен јазичен систем. На пример, текстот е пишуван од десно кон лево (иако и раниот старогрчки бил пишуван на овој начин). Лариса Бонфанте истакнува дека за да се проучи нивната религија и секојдневен живот, мораат да се прочитаат нивните пишани споменици.
Познато е дека римскиот император Клавдиј собрал збирка од дваесет книги за историјата на Етрурците, но тие книги се загубени за историјата, и фасцинантните предмети од 2. в. пр.н.е. како „Дробот од Пјаченца“, бронезн одлив на овчи црн дроб со вдлабен текст на етрурски, овозможил површни погледи врз нејасното минато на овој народ. Стелата може да ги прошири нашите знаења за нивниот исчезнат јазик, кој останува една од најголемите енигми на древните времиња.
Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.