Никола Тесла (10.јуни 1856 – 7.јануари 1943) бил американски пронаоѓач со српско потекло, електро и машински инженер, физичар и футурист познат по неговиот придонес во дизајнот на современиот систем за снабдување со наизменична струја. Никола Тесла често се именува како „човекот кој го измисли 20. век“. Тесла се здобил со искуство во електроинженерството уште пред да емигрира во САД во 1884 година кадешто ќе работи за Томас Едисон во Њујорк. Наскоро се осамостоил со помош на финансиски поддржувачи и основал лаборатории и компании за да развие широк спектар на електрични уреди. Неговите патенти за мотор и трансформатор на наизменична струја биле лиценцирани од страна на Џорџ Вестингхаус, кој го најмил Тесла како консултант.

Во годините кога се формирала и развивала дистрибуцијата на електрична енергија за комерцијална употреба, Едисон и Тесла влегле во судир кој ќе остане познат под името „Војна на струите“, при што Едисон се залагал електричната енергија да се дистрибуира преку системи на еднонасочна струја за сметка на поефикасниот систем на Тесла на наизменична струја, а исто така Тесла имал повеќе спорови за патенти меѓу кои и со Едисон. Во својата лабораторија изведувал најразлични експерименти со механички осцилатори и генератори, цевки за ослободување на електрицитет и рани експерименти со снимање со Х зраци (Рентген). Тесла исто така го направил и првиот чамец на далечинско управување.

nikola-tesla

Во редовите кои следуваат ќе можете да прочитате 30 мудрости од човекот кој бил пред своето време.

1. Оваа планета со сета своја огромност, за електричните струи не претставува ништо повеќе од една мала метална топка.

2. Нашите сетила ни овозможуваат да восприемеме само мал дел од надворешниот свет.

3. Борбите помеѓу поединците, како и помеѓу владите и нациите, секогаш произлегуваат од недоразбирањата во најшироката смисла на овој израз. Недоразбирањата секогаш се предизвикуваат од неспособноста да се почитува гледната точка на другиот.

4. Инстинктот е нешто што понекогаш го надминува знаењето. Ние несомнено имаме пофини нишки кои ни овозможуваат да осознаеме вистини кога логичката дедукција или некој друг свесен напор на мозокот е напразен.

5. Прогресивниот развој на човекот е витално зависен од пронаоѓањето изуми.

6. Мирот може да дојде само како природна последица на универзалното просветление.

7. Пронаоѓањето  е најважниот производ на човечкиот мозок. Крајната цел е целосно усовршување на умот врз материјалниот свет, прилагодување на човечката природа кон човечките потреби.

8. Последните 29 денови од месецот се најтешки.

9. Копнееме по нови сензации но наскоро стануваме рамнодушни кон нив. Вчерашните чуда стануваат денешно секојдневие.

10. Целата вселена е исполнета со енергија. Дали оваа енергија е статичка или кинетичка? Ако е статичка, тогаш сите наши надежи се напразни; ако е кинетичка – а ние со сигурност знаеме дека е – тогаш е само прашање на време кога луѓето ќе успеат да ја прикачат нивната машинерија кон самото тркало на природата.

11. Секое живо суштество е машина која функционира во склад со вселената. Иако навидум трпи влијание само од непосредната околина, надворешното влијание се протега до бескрајност.

12. Парите ја немаат таа вредност која човекот им ја припишува. Сите мои пари беа вложени во експерименти со кои направив нови откритија со кои успеав малку да му го олеснам животот на човештвото.

13. Трите можни решенија на големиот проблем на зголемувањето на човечката енергија се изразуваат преку три збора: храна, мир, работа.

14. Поединецот е кратковечен, расите и народите доаѓаат и си одат, но човекот останува. Тука лежи длабоката разлика помеѓу поединецот и целото.

15. Научникот не бара резултат веднаш. Тој не очекува дека неговите напредни идеи спремно ќе бидат прифатени. Неговата работа е како на земјоделец – тој работи за иднината. Неговата должност е да постави основа за тие кои доаѓаат и го посочува патот. Тој живее, работи и се надева.

16. Иако сме слободни да мислиме и дејствуваме, ние сме врзани заедно како ѕвездите на сводот, со нераскинливи врски. Овие врски не можат да се видат, но ги чувствуваме.

17. Нашите доблести и нашите неуспеси се неразделни, како силата и материјата. Кога ќе се разделат, тогаш човекот ќе престане да постои.

18. Од сите отпори на триење, таа што најмногу го забавува движењето на човекот е незнаењето, коешто Буда го нарекол „најголемото зло во светот“.

19. Не се грижам поради тоа што украле моја идеја… Се грижам поради тоа што немаат свои.

20. Денот кога науката ќе почне да ги проучува нетелесните феномени, во текот на само едно десетлетие ќе постигне поголем напредок отколку што било постигнато во сите векови на своето постоење.

21. Во дваесет и првиот век роботот ќе го заземе местото коешто робот го имал во древната цивилизација.

22. Животот е и засекогаш ќе биде равенка без решение, но сепак содржи некои познати чинители.

23. Ширењето на цивилизацијата може да се спореди со оган; првин слаба искра, потоа треперлив пламен, потоа силен пожар кој постојано ја зголемува својата брзина и моќ.

24. Парадоксално е, а сепак точно да се каже дека колку повеќе знаеме, толку понеуки стануваме во општ поглед, бидејќи само преку просветление можеме да станеме свесни за нашите ограничувања. Точно едно од најблагородните резултати на интелектуалата еволуција е продолжителното отворање кон новите можности.

25. Не мислам дека постои поголема возбуда која може да мине низ човековото срце од таа која ја чувствува пронаоѓачот кога гледа како некое дело на неговиот ум се движи кон успех. Таквите чувства причинуваат човек да заборави на храната, спиењето, пријателите, љубовта, сѐ.

26. Тоа што некој го нарекува Бог, друг го нарекува закон на физиката.

27. Биди сам, тоа е тајната на пронаоѓањето; кога си сам, тогаш се раѓаат идеите.

28. Тоа што ме води е желбата да ги ставам силите на природата на услуга на човештвото.

29. Денешните научници ја заменија математиката со експерименти, и се губат од равенка во равенка, за на крајот да изградат структура која нема никаква врска со реалноста.

30. Научниците денес мислат длабоко наместо да мислат јасно. За да се мисли јасно треба да си здрав со умот, но некој може да мисли длабоко и да биде доста луд.

Сподели на Facebook
пати видено