Повеќе од 30 милиони луѓе низ целиот свет имаат оштетувања на говорот и слухот и се соочуваат со потешкотии кога станува збор за комуникација со луѓе кои немаат познавање на знаковниот јазик. Рој Алела, млад и амбициозен 25-годишен технолошки ентузијаст од Кенија го препозна овој проблем и го отвори патот до неговиот најнов пронајдок.

Рој, кој во моментов работи во „Интел“ и предава на Универзитетот Оксфорд, измислил паметни ракавици кои ги претвораат движењата на знаковниот јазик во аудио говор.

Рој Алела има 6-годишна внука, која е родена глува и имала потешкотии да комуницира со нејзиното семејство, кое не го разбира знаковниот јазик. Откако ја препознал потребата Рој бил инспириран да создаде алатка која ќе им ја олесни комуникацијата. Таа идеја се реализирала со паметните ракавици. Тие се нарекуваат Sign-IO и имаат флексибилни сензори на секој прст. Сензорите го квантифицираат свиокот на прстите и го обработуваат писмото што се дава во вид на знак. Ракавиците се поврзани со апликација преку Bluetooth, која што потоа ги вокализира буквите.

„Мојата внука ги носи ракавиците и ги спарува со мојот или нејзиниот телефон, потоа почнува да комуницира со знаковен јазик и јас ја разбирам што сака да ми каже.“, вели Рој. Тој исто така додава дека неговата внука одлично чита од усните така што без проблем го разбира нејзиниот вујко.

Младиот иноватор веќе ги претставил ракавиците во училиште за посебни потреби во рурална област на југозападна Кенија. Повратните информации од корисниците помогнаа да се разбере кој дел од алатката треба да се подобри, што била брзината со која се конвертира јазикот.

„Луѓето зборуваат со различна брзина па така е и во знаковниот јазик, затоа ја приспособивме апликацијата да одговара на сите.“, вели Рој.

Корисниците на апликацијата можат да го одберат својот јазик, пол и дури и висина на вокализацијата. Точноста на резултатите е 93%. Аудио не е единствениот индивидуален аспект на ракавиците што можат да бидат дизајнирани на кој било можен начин – од принцеза ракавици до оние како на Спајдермен.

Паметните ракавици на Рој неодамна добија награда од Американското здружение за машински инженери. Генијалецот ќе ги искористи парите од наградата за да ја подобри апликацијата и да спроведе поточни вокални предвидувања. Тој се надева дека ќе постави најмалку два пара ракавици во секое училиште за посебни потреби во Кенија и верува дека тие би можеле да им помогнат на милиони деца ширум светот со нарушување на слухот или говорот.

Сподели на Facebook
пати видено