Толку малку луѓе го имаат чувството или можноста да препознаат кога ги изговараат нивните последни зборови, но кога познати луѓе се меѓу тие малку избрани луѓе, го добиваме клишето „познати последни зборови“, зборови кои остануваат запишани во историјата на човештвото.
Осудениците на смрт имаат историја на изговарање на откачени нешта пред нивното погубување, каков што е примерот со Џемс Френч, кој на репортерите кои ја очекувале неговата смрт им кажал: „Што мислите за ова како за вашиот наслов – Француски Компирчиња? (игра на зборови, french fries на англиски значи помфрит, француски компирчиња, но и „Френч се пржи“, а бил погубен на електричен стол). Добро е да се има чувство за хумор сѐ до последниот миг и многу познати луѓе кажале смешни нешта пред да скинат конци, како на пример Чарли Чаплин, кој кога свештеникот исповедник на смртната постела му кажал „Бог нека се смилува на твојата душа“, одговорил „Па зошто не? Негова си е.“
Еве уште четиринаесет такви величествени моменти.
14. Потполковник Кенет Вилсон
„Ве прелажав сите, зар не“?
Никој, освен веројато неговото семејство, не би знаел кој е потполковникот Кенет Вилсон само врз основа на неговото име. Тој бил воен херој, кој се борел во двете светски војни, скокал со падобран зад непријателските линии во повеќе прилики. никој не го помни, а сепак секој ја видел неговата фотографија, којашто е меѓу најпознатите фотографии, фотографијата со чудовиштето од Лох Нес, направена во 1934 година. Црно-белата фотографија шеесет години била сметана за доказ дека во шкотското езеро има чудовиште. Само што чудовиштето сепак не постои. На смртната постела Вилсон се исповедал дека сликата е монтирана и дека сето тоа било измама.
13. Џоан Крафорд
„Да не си се осмелил да го молиш Бог да ми помогне!“
Поминале речиси четириесет години од смртта на Џоан Крафорд. Нејзината ќерка Кристина Крафорд во својата книга „Најмила мамичка“ не ја слика својата мајка во најдобро светло. Денот кога умрела од рак, неколку чесни сестри ѝ пристапиле за да се помолат. Кога го видела ова, Крафорд, типично за неа, сакала да си умре на свој начин, без да бара ничија помош.
12. Вернер Хајзенберг
„Кога ќе се сретнам со Бог, ќе го прашам две прашања: „Зошто релативноста? И зошто турбуленција? Мислам дека навистина ќе има интересен одговор на првото.“
За германски научник роден во 1901, кој целиот свој живот го минал проучувајќи ја физиката, последното нешто кое би помислиле е дека е смешен. Хајзенберг, кој се смета за татко на квантната механика, освоил Нобелова награда во 1932 година.
11. Доминик Бур
„На пат сум да, или ќе умрам; и двата изрази се граматички точни.“
А што друго би очекувале од авторот на „Doutes sur la langue française proposés aux Messieurs de l’Académie française“, книгата која се смета за најисцрпното и најтемелното јазично истражување на сите времиња. Еден дел од книгата ја обработувал и неправилната употреба на некои глаголи. Човекот си размислувал за тоа до самиот крај, ете.
10. П.Т. Барнум
„Каков беше приемот денес на Медисон Сквер Гарден?“
Ова со сигурност не е најпознатиот цитат на познатиот шоумен. Неговиот најпознат цитат е: „Секоја минута се раѓа по еден наивник“, но сепак овие претсмртни зборови даваат увид во внатрешниот свет на еден од најголемите забавувачи во светот, и создател на Циркусот на Барнум и Бејли. За време на една претстава во 1890 година, претрпел удар и умрел неколку месеци подоцна во април, 1891.
9. Леонардо да Винчи
„Ги навредив Бог и човештвото, бидејќи мојот труд не го достигна квалитетот кој требаше да го достигне.“
Човекот кој ги насликал бесмртните дела „Мона Лиза“ и „Последната вечера“ сметал дека тоа не е доволно?! При проучувањето на некои негови скици, луѓе веруваат дека тоа биле првите нацрти за пронајдоци кои подоцна ќе станат познати под имињата падобран, хеликоптер и тенк. Леонардо да Винчи се смета за образец на ренесансниот човек, сестрана и широкообразована личност. Но ете, тој сметал дека можело и повеќе.
8. Антон Чермак
„Мило ми е што тоа бев јас, а не вие, г-не претседател.“
Чермак бил градоначалник на Чикаго од 1931 година до неговата смрт. Бил убиен од Џузепе Зангара, додека се ракувал со претседателот Френклин Рузвелт. Зангара нанишанил кон Рузвелт, но една жена, по име Лилијан Крос го забележала атентаторот и му ја удрила раката со нејзината чанта, поради што овој промашил. Некои сметаат дека ова е мит, и дека сепак Чермак бил целта, бидејќи имал намера да расчисти со организираниот криминал во Чикаго кој цветал во тоа време.
7. Дач Шулц
„Можете да си играте ашик, а девојките си играат со меко топче и прават трикови со него. Оф, оф, кучешки бисквит. И не скока од среќа.“
Што рече? Шулц бил познат мафијаш од периодот 1920-1930-те во Њујорк. Неговото резиме опфаќа вмешани прсти во прохибицијата, игрите на среќа и контролирање на болничките синдикати. Му дошол крајот кога пристапил на т.н. „Мафијашка Комисија“, група лидери на организираниот криминал, и побарал дозвола да го убие обвинителот Томас Дјуи, неговиот најголем непријател. Мафијашите не му дозволиле, Шулц се обидел да превземе некои од нивните рекети и наскоро го изрешетале поради тоа. Неговите последни зборови биле претсмртно бладање, запишано од полицијата. Но, литературните фанатици со години се обидувале да најдат смисол во нив.
6. Бенито Мусолини
„Пукајте ми во гради!“
Ако сакате да бидете безмилосен диктатор не покажувајќи никаква милост кон тие коишто сте ги убиле, можете да одите и до самиот крај. Бенито Мусолини, основачот на фашизмот, дошол на власт во 1922 година, и до 1925 година ја наметнал својата филозофија на владата. По соборувањето од власт, бил затворен и избегал од затвор. Но на крајот бил најден и погубен во близина на езерото Комо.
5. Алберт Ајнштајн
„Невкусно е вештачки да се продолжува животот. Го проживеав своето, време е да си заминам, и тоа ќе го сторам елегантно.“
Оваа листа е полна со незгодни луѓе кои кажале некои бестрашни зборови соочени со смртта, но овој цитат, од еден од најумните луѓе кои воопшто живееле, можел да го каже и некој гангстер. Нема никакво тажење, молење, нема договори со вишата сила во последна минута.
4. Хемфри Богарт
„Никогаш не требаше да преминам од скоч на мартини.“
Сфаќајќи дека е на само миг до смртта, оваа холивудска легенда ги повикал жената и децата крај смртната постела за да се збогуваат. Штом го сториле тоа, тој го искажал своето алкохоличарско жалење и умрел. Познат е по своите легендарни улоги во „Казабланка“, „Африканската кралица“ и „Малтешкиот сокол“.
3. Кристин Чабак
„А сега, во согласност со политиката на Канал 40 секогаш да ви го пренесува најновото во крв и црева, во боја, пак ќе видите нешто невидено до сега, обид за убиство.“
И со овие зборови, Кристин Чабак, презентерка на вести од Флорида си ставила пиштол на челото и го повлекла чкрапалото. Телевизиската станица набргу го прекинала емитувањето. Набргу по нејзиното самоубиство во живо, нејзиното семејство побарала сите видео ленти да бидат уништени, така што немојте да се мачите да го барате тоа на Јутјуб. Чабак со години страдал од депресија и на своите пријатели се жалела дека на триесет години сѐ уште е девица и никогаш не излегла повеќе од два пати со иста личност.
2. Ернесто Че Гевара
„Знам дека си дошол да ме убиеш. Пукај, кукавицо, ќе убиеш само човек!“
Ова се зборовите коишто Гевара му ги кажал на боливискиот војник Марио Теран, кратко пред да биде убиен на 39-годишна возраст. Еден од најголемите социјалистички револуционери и една од иконите на дваесеттиот век, од некои е сметан за херој, од други за злосторник. Некои го обвинуваат дека го наредил убиството на стотици луѓе, затворени за време на револуцијата. Веројатно немал поим дека неговиот лик ќе се најде на маиците на милиони хипстери кои веројатно немаат поим кој всушност бил Че Гевара.
1. Карл Маркс
„Ајде, излегувај од тука! Последните зборови се за будалите кои не кажале доволно!“
Парадоксално, Маркс не сакал да ги каже своите последни зборови, но сепак ги кажал некои од најпознатите претсмртни зборови кажани во историјата на човештвото. Ги кажал на неговиот домаќин, кој од него побарал да каже нешто за да го запише тоа. Маркс умрел од бронхитис. Целиот свој живот ги споделувал своите верувања дека општеството и економијата се вечно поврзани. Тој верувал дека капитализмот, како и сите форми на власт,на крајот ќе се распадне, бидејќи е само средство на владеачката класа. Тоа што ќе произлезе од тој колапс на системот е социјализмот, но како што виде светот, тоа се изопачи во едно од најголемите зла во човечката историја – комунизмот.