Научниците откриле дека кравите произведуваат антитела кои можат да бидат корисни во развојот на третмани за лекување и вакцини, за голем број на болести, а особено ХИВ.

Истражувачите веќе долго време бараат начини да им помогнат на ХИВ-инфицираните лица да произведат широко-неутрализирачки антитела (bNAbs), антитела за кои се знае дека се борат против повеќе форми на вируси. Bnabs се важна тема во ХИВ-истражувањето, бидејќи вирусот се менува малку со секоја клеточна поделба, што значи дека едно антитело не може да го следи тоа.

Широко-неутрализирачки антитела имаат сличност со типот на антитела пронајдени кај кравите. Кравите не добиваат ХИВ, но откако истражувачите им инјектирале протеин кој е многу сличен на вирусот, нивните тела произведувале антитела за да го блокираат. Тогаш протеините беа екстрахирани и тестирани против повеќе видови на ХИВ.

„Од аспект на научник, ова е навистина возбудливо“, вели авторот на студијата Девин Сок. „Првите широко-неутрализирачки антитела беа откриени во 1990-тите. Оттогаш па наваму се трудиме да ги извлечеме овие антитела преку имунизација, но никогаш не ни успеа сé до сега, додека не имунизиравме крава. Ова ни даде одредени информации околу тоа како да го направиме истото и со луѓе“.

Сепак уште не е пронајден начин како тие би се имплементирале кај луѓето. Џон Маскола, директор на вакцинско истражување на американскиот Национален институт за алергии и заразни болести, истакнува дека студијава не е директен чекор кон развивање на вакцина за ХИВ. Сепак, вели, „ни дава до знаење како вирусот избегнува човечка имуна реакција“

Откритието исто така може да ја отвори можноста за користење на крвта на кравите со цел да се обезбеди краткорочна заштита од ХИВ или да помогне да се третираат оние кои се веќе заразени.

Антителата на кравите би можеле да бидат корисни во лекувањето на бројни други нарушувања, бидејќи тие се способни да се борат со повеќе вируси и болести. Д-р Вон Смидер работи со фармацевтските компании за да ги искористи за борба против автоимуните нарушувања, одредени видови рак и заразни болести како маларија. Во светот научниците користеле крави да пронајдат начини за производство на лекови за туберкулоза, па дури и да ги одгледуваат животните за да развијат отпорност на климатските промени.

Сподели на Facebook
пати видено