Учениците од основно училиште во Њу Џерси посетувале настава облечени во светло сино за да се крене свеста за сајбер насилството, по наводното самоубиство на нивната соученичка, Мелори Гросман.

Девојчето било пронајдено мртво само неколку часа откако нејзината мајка, Дијана Гросман била во училиштето за да пријави дека некој ја малтретира нејзината ќерка на социјалната мрежа Снапчет.

Пријателите на Мелори Гросман, од градот Рокавеј велат дека таа била многу ведро и среќно девојче, ја сакала природата и правела накит и средствата што ги собирала од неговата продажба ги донирала во камп за деца кои се борат со рак. Исто така малото девојче било мажоретка и гимнастичарка.

Во некрологот на Мелори пишувало: „Понекогаш рајот ни праќа учител во форма на дете. Мелори беше нашиот учител. Таа не научи да се сакаме на начин на кој само дете може да сака. Нејзината цел и влијание врз овој свет не нешто повеќе од тоа што ние го гледаме и чувствуваме. Таа инспирираше, беше мила, невина, прекрасна и беше чиста.“

Полицијата уште нема официјално потврдено дека се работи за самоубиство, но родителите на Мелори и нејзините пријатели изјавиле дека тоа е причината за нејзината трагична смрт. Управата на основното училиште во кое што учела Мелори изјавила дека ќе направи се за да помогне во полициската истрага и да се открие виновникот, доколку го има.

 

Сајбер насилството е оружје на 21виот век, од кое настрадале многу тинејџери. За среќа во Македонија нема регистрирано вакви трагични случаи, иако од 2014 интернет насилството се смета за кривично дело.

Во мала анкета спроведена врз ученици од 16-18 години во едно средно училиште во Македонија заклучено е дека дури 66,7% од учениците не ги знаат последиците од интернет насилството, само 11% биле некогаш жртва на сајбер насилство, а додека пак за самиот поим 41% од учениците дознале од спроведената анкета. Во светот 7 од 10 тинејџери се жртви на сајбер насилство.

Сподели на Facebook
пати видено