Еуфоријата за вечерашниот УЕФА Супер Куп расте. Најпознатите тимови во светот вечерва ќе бидат гости на македонскиот терен. Но кој тим ја носи титулата „највреден фудбалски тим во 2017“? Очигледно оваа година беше најдобра за „Црвените Ѓаволи“. За прв пат по пет години, Манчестер Јунајтед е највреден фудбалски тим во светот, со вредност од 3,69 милијарди долари. Враќањето на тимот на највисокото место е доказ за нивниот моќен бренд и маркетинг вештини. Манчестер Јунајтед оствари приходи од 765 милиони долари за време на сезоната 2015-16, 77 милиони повеќе од Реал Мадрид и Барселона.

Манчестер Јунајтед донесе 405 милиони долари во приходите од реклами и спонзори, повеќе од кој било друг фудбалски тим. И Црвените Ѓаволи, исто така, се далеку најпрофитабилниот фудбалски тим во светот, објавувајќи оперативен приход од 288 милиони долари, 107 милиони долари повеќе од ривалот Реал Мадрид. Во блиска иднина нема да биде лесно да се надминат Црвените Ѓаволи. Кога се работи за парите Реал Мадрид се наоѓа на третото место со вредност од 3,58 милијарди долари, а пред него на второ место е Барселона со 3,64 милијарди долари.

Кога станува збор за фудбалерите со одлична финансиска состојба, тука Реал Мадрид е во водство. Кристијано Роналдо веќе неколку години по ред е најбогатиот фудбалер во светот. Тој очигледно ги заслужил овие пари, затоа што Реал Мадрид му исплаќа 18, 2 милиони евра годишно и тоа без бонуси. Роналдо оваа година заработил околу 90 милиони евра, а неговата нето вредност изнесува 210 милиони евра. Роналдо стана најскапиот играч во светот кога се „пресели“ од Манчестер Јунајтед во Реал Мадрид во 2009 година со трансфер вреден 94 милиони евра. Исто така Роналдо е и најпопуларниот фудбалер на социјалните мрежи.

Манчестер Јунајтед го има Пол Погба, како еден од најдобро платените фудбалери. И покрај тоа што го напушти Манчестер Јунајтед во 2011 „бесплатно“, Погба во 2016 година се врати во тимот и го чинеше неверојатни 105 милиони евра, со што бил поставен нов рекорд за трансфер.

Финансиската состојба кажува многу за фудбалскиот тим, а вечерва за тимовите најмногу ќе кажат вештините на фудбалерите и желбата за победа.

Сподели на Facebook
пати видено