Во јапонскиот мегаполис, кој се нарекува „Нов Токио“, се планира изградба на облакодер висок 1600 метри, кој ќе биде двојно повисок од Бурџ Халифа во Дубаи, градба која се извишува на 828 метри.

Кулата, која во светот се рекламира како „Sky Mile Tower“ ќе биде централното архитектонско дело во Нов Токио, футуристички град кој се гради како живеалиште отпорно на климатските промени.

nt01

Се очекува огромниот облакодер да може да вдоми 55.000 луѓе, коишто ќе имаат пристап до „небесните ходници“ на кулата, во кој ќе бидат сместени трговски центри, ресторани, хотели, сали за вежбање, како и здравствени клиники. Облакодерот се гради во шестоаголен облик бидејќи се смета дека тој облик е најотпорен на ветрот. Лифтовите во футуристичката зграда нема да ги носат луѓето само во вертикален правец, нагоре и надолу, туку и хоризонтално кон нивните станови. Архитектите развиле посебен начин на дистрибуирање на вода за луѓето кои живеат највисооко, така што создале фасада која собира, ја третира и складира водата на определени нивоа. Се очекува неверојатниот футуристички град да биде изграден до 2045 година и во него ќе се вселат околу 500.000 жители кои би сакале да ги напуштат нивните високоризични крајбрежни домови и да ја намалат пренаселеноста во регионот.

nt02 nt03

Градот ќе се состои од повеќе шестоаголни вештачки острови, кои ќе содржат фарми, куќи, соларни панели итн. Со остатокот од светот градот ќе биде поврзан со брзиот превозен систем наречен Хиперлуп, концепт на Илон Маск. Низ целиот град ќе има водени прстени во кои ќе се одгледуваат алги, како извор на обновлива и чиста енергија. Проектантите на градот, Кон Педерсен Асошиејтс и Лесли И. Робертсон Асошиејтс велат дека градот е дизајниран да издржи природни катастрофи, вклучувајќи и земјотреси и тајфуни.

 

Сподели на Facebook
пати видено