Кристина Јенсен е родена во Скопје, каде што завршила средно медицинско училиште, а потоа заминала да работи во Англија, каде што останала пет години. Наредната станица за Кристина биле САД, каде што студирала антропологија, три години и една година била на размена на студенти во Данска. Таа во 2006 година се преселила во Данска, а целото семејство се вартило во Македонија во 2010, за да во 2014 повторно се вратат во Данска, каде што жиавеат и денес, поточно во едно мало место, Нумарк.

МОТИКА: Зошто и како се преселивте, зошто одлучивте да одите таму?

Сопругот е Данец и беше тешко за него да најде работа во Македонија. Јас бев вработена во Скопје, но планиравме фамилија и беше посигурно да се преселиме таму каде што тој ќе има поголеми шанси да најде работа.

МОТИКА: Опишете ја Данска. Колку се трошоците за живот?

Данска е убава земја иако нема планини, реки и езера. Преку цела година е зелено затоа што врне скоро секој ден, температурата е горе – долу иста преку цела година. Во зима, зависно од годината, може да завее малку снег, ама еве неколку години наназад ништо повеќе од тоа што вее во Македонија. Летата се со температури до најмногу 28 степени (додуша овде е поспарно). Луѓето се љубезни, но држат дистанца, особено со странци. Трошоците за живеачка се високи. Во центарот на Оденсе, за 50 метри квадратни киријата е 1.000 евра, на страна може за истите пари да се најде куќа и до 150 квадрати. Сè зависи од местоположбата и колку сте блиску до продавници, училишта, автобуски станици… Лебот чини 3 евра, млекото 1,5 евро, месото е на рамниште како зеленчукот и овошјето (не знам за другите делови на Данска, ова е само за Оденсе и околината). Куќите се многу поевтини за купување, ама тешко се добива кредит.

МОТИКА: Како Ви започнува денот?

Спремање на децата за школо и градинка. Поголемите одат со школски автобус, малата ја оставам во градинка пред да одам на работа.

МОТИКА: Како го трошите слободното време?

Немам многу слободно време, ама тоа малку го трошам со децата. Секој викенд доаѓаат другарчиња на децата или одиме до некој парк или плажа да се издуваме (водата е ладна за бањање).

МОТИКА: Каде шетате и каде се опуштате преку ден?

Ние живееме на село и најблиску за опуштање е плажа (10 км) или шума (12 км), но на работа сум до 15 часот, па деца прибирање, вечера спремање и толку од денот. Во лето кога децата се на распуст и денот трае до 23 часот (сонцето заоѓа во 21 часот) одиме до Леголенд или околните замоци, пазари за стари работи, Викинг села (каде имаат симулации и работилници за правење храна, алати, облека и оружје од времето на Викинзите), нешто слично на нашите етно села или Крушевските денови кога се облекуваат во алишта од тоа време.

МОТИКА: Дали имате пријатели и соседи во таа земја?

Пријателите се преку работа, соседи да, имаме и многу многу се фини, доаѓаат на помош кога треба. Соседите секогаш се најавуваат пред да дојдат. Не се мешаат во семејните проблеми или заземаат страна.

МОТИКА: Дали луѓето се пријателски настроени кон странците? Некоја интересна случка?

Љубезни се, да, ама не се потполно опуштени. Посколни се да помогнат ако го знаете јазикот или се трудите да комуницирате на дански, иако сите разбираат англиски.

МОТИКА: Која културна разлика Ви беше најчудна кога прв пат дојдовте во земјата?

Тоа што насекаде се истакнува данското знаме. Од домашниот двор (скоро сите имаат јарбол), до таблите со јајца во супермаркет. Се пласира данскиот производ во секоја можна прилика (јадете свежи дански јајца од дански кокошки, дански произведени компири, свежо данско млеко од дански крави што паселе данска трева). Кога некој има роденден, се истакнува данското знаме во негова чест и се украсува домот и тортата со мали дански знаменца. Друга работа е што ве потсетуваат да зборувате дански иако ве разбираат на англиски. Во почетокот морав прво да се извинам дека не го зборувам добро данскиот и да прашам ако е ок да продолжам на англиски. Сите странци имаат време од 2,5 години (платено од државата) можност да одат во данско школо и да го научат јазикот.

МОТИКА: Што од културата во таа земја најмногу ви се допаѓа?

Hygge!!!!! Тешко се објаснува, ама најблизок превод е опуштеност, релаксираност и блискост. Деновите во зима се пократки и секаде преку целиот ден има запалено мали светилки или свеќички на масата или прозорите. Не користат неонки, туку лампи со послаба јачина. Атмосферата е многу порелаксирана и спокојна.

МОТИКА: Која е најдолемата разлика помеѓу Македонија и Данска?

• Не се замараат со политика. Последните две години поради тоа што се случува околу нив како малку повеќе да почнаа да покажуваат интерес, ама далеку од тоа како што е кај нас. Тука не е толку cool да си политичар. Новинар, адвокат, забар, инженер – да, ова се најскапо платени професии. Многу имаат и приватни бизниси. Секаде е чисто и сите институции се на високо професионално ниво.
• Преку 80% од комуникацијата е дигитална и скоро за сè што ви треба постои формулар, веб страна, опис како да го пополните, и некогаш има можност да го пратите барањето на дански или англиски. Секое најмало гратче или селце е покриено од општина што ги регулира сите можни проблеми (од вадење возачка дозвола, до закажување забарски преглед за децата. Дури и ако имате проблем во куќата со штетници, ќе пратат обучени лица да го решат тоа за вас).
• Високи даноци. Не сите плаќаат иста стапка (најниската е 39%, највисоката мислам 79%). Од друга страна нема питачи, деца што просат и луѓе што пребаруваат по контејнери.
• Најстара монархија во светот. Уредувањето е парламентарна монархија, а тоа значи дека немаат претседател, туку само премиер и кралицата која не се меша во 99% од политичките одлуки, но го задржува правото на вето. Секој премиер кога ќе биде избран од народот оди кај кралицата да ја добие и нејзината дозвола.
• Секаде е со закажување (или пополнување формулар) и никаде нема гужва, освен можеби во пекара, ама и таму на влез се зема бројче и сите си го знаат редот.
• Возат културно затоа што казните се од 1.000 евра па нагоре, до забрана за возење и земање возачка (за возење во пијана состојба ја земаат возачката и нема нова од година до три години, зависи од тежината на прекршокот).
• Секое населено место има здравствена, пожарна и полициска покриеност. Патиштата се одлични и сè е профи, не се чека многу на помош.
• Луѓето се отворени и немаат влакна на јазикот. Ако ве видат дека кршите гранче од дрвце или фрлате каде што не треба, бидете сигурни дека ќе ви кажат јасно и гласно да престанете.

МОТИКА: Дали има и други Македонци таму?

Сигурно, ама поради изолираноста, уште не сум ги нашла.

МОТИКА: Што Ви недостасува од кај нас?

Топлината и непосредноста на луѓето и јадењето (сарма, пинџур, баклава, боза…)

МОТИКА: Дали некогаш планирате да се вратите во Македонија?

Засекогаш не, но планирам да доаѓам еднаш до два пати во годината.

Блиц прашања
Колку чини 1 леб? 3-5 евра
Колку чини 1 кафе? 4-5 евра
Колку чини 1 пиво во продавница, а колку во кафуле? 1 во продавница, 6-7 евра во кафуле
Место што мора да се посети? Има многу, но ќе ги издвојам Legoland, Bakken, Skagen, Egeskov Slot.
Традиционално или типично јадење што мора да се проба? Frikadeller (ќофтиња од свинско и телешко), risalamande со сос од цреши (нешто како сутлијаш, ама надвор од овој свет), сè што е леб или печиво.
Најпопуларен сувенир? Малиот војник од приказната на Ханс Кристијан, Christian Lille Tinsoldat
Најпознат граѓанин? Hans Christian Andersen, Hellena Christensen, Niels Borh (можам уште на набројувам ама ќе нема место…).
Најкористен збор/фраза? Hold da op! (Што збориш? Стварно, ма немој!)
Hvad så (Што има, како е?)
За која тема луѓето најмногу зборуваат? Моментално странците и што треба да направат политичарите. Инаку за фудбал, временска прогноза и што гледале на телевизија претходната вечер.
Најчесто име и презиме? Charlotte, Ole, Jensen
Сакате да ја споделите вашата интересна животна приказна со цела Македонија? Пријавете се за интервју: [contact-form-7 id=”408359″ title=”Пријава за интервју”]

Сподели на Facebook
пати видено