Ирина Андреевска е млада девојка, родена во Скопје, 1993 година. Веднаш штом го завршила средното образование во СУГС „Георги Димитров“ аплицирала за стипендија доделувана од владата на Кина. Откако ја добила стипендијата Ирина заминала во Пекинг. Таа го изучувала кинескиот јазик од 2011 до 2013 на Пекингшкиот Универзитет за јазик и култура, а во 2017 дипломирала на Универзитетот Ренмин, Кина на катедрата по филозофија. Ирина продолжува да се надоградува така што од 2017 е на едногодишна програма по кинески боречки вештини, Вушу, на Пекингшкиот Универзитет за спорт.

Ирина во Јангшуо, провинцијата Гуангхи, Кина во февруари 2012 година.

МОТИКА: Зошто одлучивте да се преселите во Кина?

Со желба да ја запознам и изучам кинеската култура, решив да студирам во Пекинг. Мојата прва љубов е антропологијата, но поради тоа што методите кои ги користи антропологијата во изучувањето се прилично „континентални“, решив да студирам нешто што ќе ми помогне да ја разберам кинеската култура и од „кинеска перспектива“. Се двоумев помеѓу филозофија, литература и кинеска медицина и на крај се решив за првонаведеното. Студиите по филозофија во Кина не само што овозможуваат изучување на т.н. континентална филозофија и методологија, исто така се изучуваат кинеската филозофија, источните религии, марксистичка филозофија и методологија, споредбена филозофија, споредбена религија итн.

Ирина на денот на нејзиното дипломирање пред споменикот на Конфучиј, во јуни 2017 година.

МОТИКА: Опишете ни го животот во Кина.

Студент сум, така што живеам во студентски дом каде што сите основни трошоци ми се покриени, но од она што знам за Пекинг од сите овие години поминати таму е дека киријата е прескапа, трошоците за живот малку поскапи од Скопје, додека пак водата и електричната енергија се прилично евтини.

Ирина во руините на Пукара де Китор, во пустината Атакама, 2018 година.

МОТИКА: Направете споредба, колку чинат некои основни јадења таму и кај нас.

Тешко е да се спореди, бидејќи типичните јадења во Скопје и во Пекинг се многу различни. Но еве да речеме еден оброк во Пекинг во менза може да биде и 40 денари, во Скопје во бурекџилница можеш да јадеш за 40 денари.

Ирина со дипломата пред Универзитетот во кој дипломирала.

МОТИКА: Раскажете ни за некој Ваш успех, кој сте го постигнале во Кина.

На 6-тиот меѓународен натпревар по традиционални кинески боречки вештини во Xиамен, Кина, ноември 2017 година, освоив златен медал во категоријата Хин Ји Куан.

МОТИКА: Како Ви започнува денот?

Се будам, појадувам, се припремам и одам на тренинг. Обично вежбам од 08:00 до 11:40 и потоа одам на ручек.

Ирина заедно со нејзината мајка, нејзиниот татко и сестрата на Пелистер, 2006 година.

МОТИКА: Како го трошите слободното време?

Зависи, читам, гледам снимки од натпревари по кинески боречки вештини, одам на прошетки. Истото што би правела и во Скопје.

МОТИКА: Каде шетате и каде се опуштате преку ден?

Зависи, Пекинг е огромен град кој нуди секаков тип на разонода.

МОТИКА: Каков е ноќниот живот таму?

Како и секаде претпоставувам, јас не излегувам многу навечер, не би можела да споредам.

Дипломците од факултетот по филозофија на Универзитетот Ренмин, јуни 2017 година. Единствените странци на фотографијата се Ирина и нејзиниот професор.

МОТИКА: Дали имате пријатели и соседи во Пекинг?

Се разбира, имам пријатели од целиот свет.

МОТИКА: Дали луѓето се пријателски настроени кон странците?

Да, претежно се доста пријателски настроени.

Ирина со златниот медал и диплома на Меѓунардониот натпревар по кинески боречки вештини во Хиамен, Кина, ноември 2017 година.

МОТИКА: Која културна разлика Ви беше најчудна кога прв пат дојдовте во земјата?

Премногу се, не знам ни од каде да почнам да набројувам. Некои веќе ги имам прифатено како секојдневие, веќе не ми се чудни.

МОТИКА: Што од културата на Кина најмногу Ви се допаѓа?

Мудроста. Кинезите се мудар народ и кога тогаш тоа јасно се покажува.

Пустината Атакама и Долината на Месечината. Ирина е во основната позиција на „сантиши“ на стилот Хин Ји Куан, кој таа го изучува.

МОТИКА: Која е најглемата разлика помеѓу Македонија и Кина?

Кина? Освен тоа што Кина е огромна и Македонија малечка? Во Македонија се зборува премногу за минатото, во Кина се гледа напред, кон иднината.

МОТИКА: Дали има и други Македонци таму?

Има иако не сум сигурна за точниот број бидејќи македонската заедница во Пекинг не е толку поврзана како на други места.

Ирина, со нејзините родители и нејзиниот иден сопруг Рафаел, во Преспа, август 2017 година.

МОТИКА: Што Ви недостасува од кај нас?

Семејството.

МОТИКА: Кое е најдоброто нешто што Ви се случило таму?

Тоа што ја запознав љубовта на мојот живот, мојот иден сопруг, Рафаел од Чиле.

Ирина и нејзиниот иден сопруг Рафаел на Самуилова тврдина.

МОТИКА: Дали некогаш планирате да се вратите во Македонија?

Можеби… Патувајќи на различни места во светов само поубедена станувам дека животот во Македонија и не е така лош (тоа не значи дека не ни треба да се подобриме во многу аспекти).

Блиц прашања
Колку чини 1 леб? Добар леб, многу, околу 240 денари. Безвкусен „пластичен“ тост-леб, околу 40 денари.
Колку чини 1 кафе? Добро кафе од 160-200 денари нагоре.
Колку чини 1 пиво во продавница, а колку во кафуле? Локално произведеното пиво во продавница чини околу 24 денари, во кафуле може да биде повеќе и од десет пати поскапо.
Место што мора да се посети? Кинескиот ѕид, се разбира
Традиционално или типично јадење што мора да се проба? Јианбинг – солена палачинка со слатко-лути сосеви и зачини
Најпознат граѓанин? Жив – Си Ѓинпинг, мртов – Мао Це Тунг.
Најчесто име и презиме? За име тешко е да се каже, презимиња Ванг или Жанг.
Најпопуларен сувенир? Лепеза.
Најкористен збор/фраза? тиангбудонг (не разбирам).
За која тема луѓето најмногу зборуваат? Иднината.
Сакате да ја споделите вашата интересна животна приказна со цела Македонија? Пријавете се за интервју: [contact-form-7 id=”408359″ title=”Пријава за интервју”]

Коментар од уредникот на Мотика: Ставовите и мислењата изнесени во овие интервјуа не се ставови на Мотика, туку на младите луѓе кои решиле да ја напуштат Македонија. И мене како и многумина од вас, вистината многу ме боли, но додека не се соочиме со неа, властите ќе не лажат дека живееме во Швајцарија. Целта на секој еден политичар што ќе седне во фотелја во иднина, било да е градоначалник, пратеник или министер, МОРА да му биде да создаде минимални услови младите луѓе да не бегаат од државата. А ние сме таков народ, не бараме многу, само достоинствени услови за живот, а тоа не е тешко да се обезбеди во земја како нашата. Држава со 4 годишни времиња и со земја што раѓа не може да биде сиромашна, може само некој да ја краде! Да сме некоја африканска пустина, да ја разбереме сиромаштијата. Како може италијанските фармери да се богаташи, а ние да црнчиме кај нив, кога нашата земја е поубава од нивната? Да не зборуваме за тоа колку интелигентни деца имаме кои го одбираат овој пат.

Сподели на Facebook
пати видено