Даниел Краљевски е роден и пораснал во Куманово. Тој се занимава со новинарство и патувал низ Европа по фестивали како новинар, но желбата да живее во тропски крај го натерала да се пресели во Патаја, Тајланд. Сега тој живее таму веќе две години и ни се пофали за неговото лично искуство, на свој начин и без цензура од наша страна.

МОТИКА: Зошто и како се преселивте, зошто одлучивте да одите таму?

Уште од средно им велев на сите дека ќе одам да живеам на тропско место. И ете, се случи. Кој не сака да живее каде што е секогаш лето од 30 степени?

МОТИКА: Опишете го Тајланд. Колку се трошоците за живот?

Тајланд. Скапо е, не е евтино како што сите мислат. Нормален трошок е илјада евра месечно. Киријата е многу евтина, се движи од 50 евра па нагоре, но за 200 евра има доста луксузни места. Јас сум на 150-че.

МОТИКА: Споредба колку чинат некои основни јадења таму и кај нас.

Сè е иста цена, малку го поскапија месото оваа година, најевтино 90 денари за кило (пилешко и свинско). Падна Батот малце (Таи парите – thai Baht), го следи доларот. Па почна да поскапува храната. Лебот е иста цена, најевтин е 60 денари, а не е ни пола кило. Сите цени се качени 3-4 пати во споредба со само пред пет години.

МОТИКА: Раскажете ни за некој успех што сте го постигнале во таа држава.

Тука успех е самото тоа што си странец – Farang, така не викаат тајланѓаните. Овде сме богови, каде и да одиш навечер секоја девојка те фаќа за рака или те гушка. Овде имаат верување дека ние со бела кожа сме среќни, па ако се оженат со нас ќе имаат среќа цел живот. Буквално рај за секое машко, ама никој од Македонија не ми верува. Успех е во суштина да живееш во рајска земја со просек илјада евра месечно, без да работиш повеќе од 3 саати дневно. И тоа на лаптоп.

МОТИКА: Опишете го Вашиот бизнис.

Тешко би го објаснил тоа, среќа можеби. Работам на латоп околу три саати дневно, главно новинарска работа. А бидејќи имам интернационална прес картичка од Белгија, ми даваат акредитации за сликање на сите фестивали и настани.

МОТИКА: Како Ви започнува денот?

Станувам и го отворам лаптопот. После скоро три саати го затворам и слободен сум цел ден. Главно преку ден одам на плажа, има и преубав тропски остров на само 20 минути од Патаја – градот каде што живеам. Потоа сум со девојката или со некоја рандом, на другарување. Тајланѓанките се преубави и секогаш презаљубени. Сериозно. Лани се женев, оваа година немам таква намера.

МОТИКА: Како го трошите слободното време?

Плажа, дискотеки, ресторани и со многу кул луѓе. Всушност сите се со неверојатна животна приказна, во Тајланд не одат обични луѓе, одат авантуристи и со премногу испреплетени и необични животи. Сакам да запознавам нови луѓе, посебно девојките, секогаш се позитивни и наклонети.

МОТИКА: Каде шетате и каде се опуштате преку ден?

Тропски острови главно. Првата година пробав се, падобрани, чуда, учење на културата, храмови, учење на јазикот – патем, многу е лесен, немаат сврзници. Оваа втора година сум посветен на островот Кох Тао и на снимање на подводниот свет, како и психоделичните журки навечер.

МОТИКА: Каков е ноќниот живот таму?

Ноќниот е нон стоп, не се затвораат локалите, од дискотека си идеме во 9 сабајле, милиони проститутки, целосно голи во „Го Го“ баровите, а на улица фино се додворуваат. Само нас нѐ сакаат, европјани, американци и австралијанци, другите нејќат да ги видат, особено арапите и индијците.

МОТИКА: Дали имате пријатели и соседи во Тајланд?

Првата година запознав неколку луѓе преку Couchsurfing, потоа на нивни домашни забави запознавав еден куп необични американци, сите богати, сите имаат милионски вредни куќи. Најдобриот пријател е соседот, Томас од Шведска, често ми прави јадење и јадеме заедно на балконот, тој беше со мене кога се женев лани во храмот, нешто како кум. Предобар човек, неописливо добар.

МОТИКА: Дали луѓето се пријателски настроени кон странците? Некоја интересна случка?

Секој нов ден е интересна случка, првпват ми беше чудно зошто ме гушкаат сите, толку ги сакаат странците со бела кожа што секој ден е позитивен до таа мера да и најдепресивниот ќе биде излечен за неколку минути. Не е ова од тропски филм, сериозно е, ама не верувам дека ќе трае уште многу, оти им паѓа валутата и драстично поскапува се. Само становите паѓаат, најевтин 15 илјади евра, на море.

МОТИКА: Која културна разлика Ви беше најчудна кога прв пат дојдовте во Тајланд?

Интересно е тоа што сите си имаат мали куќички во стил на храм во своите соби, со статуа на буда, каде што приложуваат дарови, главно црвена фанта и колачиња. Истите мини храмови ги има во секој двор и пред секој објект, дури и банки и администрациски објекти. Сите приложуваат дарови секојдневно. Кога прашав зошто сите ставаат црвена фанта, ми рекоа дека само црвен сок пиел Буда. Има приказна позади ова, овие мини храмови се всушност куќички на духовите, Тајланѓаните веруваат дека постојат мали спиритуални суштества кои се вистински сопственици на земјата, па така ако ние живееме на нивно парче земја, треба да на нив да им изградиме мини храмови. Сите го слават кралот, сите веруваат во општеството и соживотот исто како во титово време во Југославија, па мислам и подобро бидејќи се како мравки без свесност, заведени од кралицата да создадат перфектно општество.

МОТИКА: Што од културата во таа земја најмногу Ви се допаѓа?

Тоа што веруваат дека ние белците сме богови! Хаха, тоа што се добронамерни, великодушни, сите ги помагаат странците и никој не краде, многу пати сум го оставал моторот со клуч на него на повеќе места во градов, никој ништо не украл од мене. Порано било поопасно, но сега имаат перфектно општество.

МОТИКА: Која е најдолемата разлика помеѓу Македонија и Тајланд?

Најголема разлика е тоа што ние сме многу попаметни, ама и многу поглупави во исто време. Ова е необјасниво баш, треба да се доживее. Тајланѓаните се слаби во логика, а се многу јаки во ефикасност, ако на граница си забравил слика, ќе те сликаат со Ајфонт, нема проблем. Полагање за возачка дозвола трае неколку саати и пред тебе ти ја принтаат картичката (дозволата), чини само 300 бати – 400 денари. Главната разлика мислам дека е во тоа што ние од Балканот сме премногу под притисок и често експлодираме, можеби секојдневно, полни сме со гнев, додека Тајланѓаните се премногу позитивни, никогаш нема насилство или лоши зборови, буквално како да си во хипи комјунити. Мислам дека е затоа што никогаш немале војна, не знаат што е хорор од војна и тиранија како што сме искусиле ние 500 години. Тајланд и Швајцарија се единствените земји кои никогаш не искусиле војна. Мислам дека од Тајланѓаните не постои подобар и потопол народ во светот.

МОТИКА: Дали има и други Македонци таму?

Има секако, ние сме секаде. Никнуваме кај што не нѐ садат. Ама многу сме ретки во Тајланд, до сега во две години само двајца сум запознал што живеат овде и двајца што доаѓаат на недела дена годишно. Како што рече Кумановецот што прави сирење во Африка, ние сме ти опасни кога сме надвор од татковината, или сме милионери или со неверојатно богата животна приказна со еден куп чудни искуства. Не се дружам со Македонци. Сакам да заборавам дека постои Македонија, самииот збор ме враќа во хорор чувство каде што се е наопаку и секој е против тебе.

МОТИКА: Што ви недостасува од кај нас?

Храната. Вегета најмногу, тука не измислиле вегета се уште, а ни паштета не постои. Тост исто така не постои, да не почнам да набројувам, чварки на пример, кебапчиња. Многу храна ми недостасува, ама за среќа си донесов вегета сега втората година. Нивното месо е благо, јогуртот благ, сите можни сосови овде се со доза на шеќер. Немам семејство, нема кој да ми недостасува, освен баба ми што ме израснала од мал.

МОТИКА: Кое е најдоброто нешто што Ви се случило таму?

Љубов. Слобода.

МОТИКА: Дали некогаш планирате да се вратите во Македонија?

Секое лето доаѓам во Македонија, во главно за нова виза од Софија. Наскоро ќе земам стан и со студентска виза ќе може да ја продожувам овде, па нема потреба да се враќам во Македонија.

Блиц прашања
Колку чини 1 леб? Околу 60 денари наевтиниот, а има и од 200-300 денари.
Колку чини 1 кафе? Никој не пие кафе во Тајланд и не пуши цигари освен странците, па и од нив ретко. Во главно и немаат кафулиња, имаат само пиво барови. Цигарите се прилично скапи, околу 600 денари најевтини, среќа што не пуштам.
Колку чини 1 пиво во продавница, а колку во кафуле? Во продавница околу 40 денари, а во пабовите околу едно евро, освен во 2-3 дискотеки каде што е пет евра.
Место што мора да се посети? Патаја дефинитивно, за мажи, а за парови можеби тропските острови познати по психодделични журки (фул мун парти) и планинските делови од Тајланд како Ченг Маи.
Традиционално или типично јадење што мора да се проба? Црви, богомолки, бубачки, скорпии? : ))) Се шегувам, ништо од овде нема да ви се допадне, или е луто или е благо и солено во исто време. Пад-таи е фино да се проба, најразлични супи и печени сомови, сомот е мислам најубаво нешто што го имаат.
Најпопуларен сувенир? Слон предмет или нацртан на облека. Тајланд е земја на слоновите нели.  Друг сувенир не знам, не сакам сувенири во главно.
Најпознат граѓанин? Кралот што умре лани. Новиот не го сакаат, имал многу жени.
Најкористен збор/фраза? Up to you – ап ту ју
За која тема луѓето најмногу зборуваат? Секс, таму сленгот за секс е – Бум Бум.
Најчесто име и презиме? Никој не ги помни имињата, премногу се комплицирани, па си измислуваат никнејм, најпознати се: Нан, Кои, Нои, Моок, Нинју, Тангмо. Презимиња исто никој не знае.
Сакате да ја споделите вашата интересна животна приказна со цела Македонија? Пријавете се за интервју: [contact-form-7 id=”408359″ title=”Пријава за интервју”]

Сподели на Facebook
пати видено