Постојат голем број на велосипедски патеки во Холандија, државата која меѓу другото е позната и по велосипедизмот, но има само една патека која е направена од тоалетна хартија. Во северозападната провинција Фрисланд, велосипедската патека од 0,6 километри што ги поврзува двата града е првата која е направена со рециклирана тоалетна хартија.

Тоалетната хартија помага да се одржи стабилноста на лизгавите патишта. Таа се користи како начин да се додаде целулоза во дробен асфалт. Овој начин на правење на патишта е прилично добар кога се работи за пропустливоста на водата, што е важен сегмент за Холандија каде што постои секојдневна опасност од поплави. Технологијата за рециклирање која се користела за изградба на велосипедска патека била развиена од холандските консултанти KNN и технолошката компанија CirTec.

Рециклираната тоалетна хартија во овој случај се собира при преработка на отпадни води, каде што е одвоена од изметот, а потоа стерилизирана, и сушена за повторна употреба. Луѓето не сакаат да дојдат во контакт со нешто што било прекриено со измет и покрај стерилизацијата, но, бидејќи тоалетната хартија обично е извор на висококвалитетни целулозни влакна би било штета тие да пропаднат. Затоа за почеток со хартијата ќе се прават велосипедски патеки ,тротоари и паркинг простори.

Градот планира да продолжи со овој начин на рециклирање и се надеваат дека наскоро и останатите градови во Холандија па и Европа ќе го вклучат тоалетот во процесот на асфалтирање.

Сподели на Facebook
пати видено